Шефот на дипломатијата вели дека политички партии го злоупотребуваат ставот на граѓаните само заради партиски интерес, а немаат реален аргумент зошто се против уставните измени. Смета дека ќе му биде тешко на некој пратеник да притисне црвено копче кога ќе дојде време за гласање и со тоа да ја стави земјава во изолација во наредните 10 години
Во однос на Бугарија, по премиерот Ковачевски, и тој порача дека оваа соседна држава треба да ги почитува одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур за здружувањето на Македонците што живеат таму
Министерот Бујар Османи верува дека комуникациите со претставници на земјите членки на ЕУ ќе ги убедат и граѓаните и опозициската ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени со кои Бугарите и други заедници ќе се внесат во Уставот.
Со ваков став тој излезе откако минатата недела во посета на земјава беше германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, која се сретна и со Христијан Мицкоски од чија партија по состанокот порачаа дека уставни измени ќе нема во овој парламентарен состав.
Сепак, шефот на дипломатијата верува дека странските партнери даваат кредибилност и гаранција на процесот, па ќе се разубедат и граѓаните и партиите.

„Мислам дека овие комуникации на земјите-членки, на сериозни партнери, кои даваат гаранција за кредибилноста на процесот, кои стануваат еден штит на нашите интереси во Европа, ќе ја убедат и јавноста и политичките партии и никој нема да се осмели да ја стави државата во изолација во наредните 10 години во услови кога се појавува забрзана патека за регионот во ЕУ. Ќе биде многу тешко да се стисне црвеното копче, да се изолира државата за ова прашање да се решава некаде 2030 година во многу понеповолни услови, во услови кога граѓаните заминале и ќе треба истото прашање да го решиме, можеби и полошо, но веќе изгубивме една генерација. Е, тоа прашање мислам дека ќе си го постави секој пратеник пред да стисне копче дали е за споменување на Хрватите, Црногорците и Бугарите во Уставот, кога се и овде спомнати во категоријата други. Мислам дека сите пратеници ќе размислат за иднината на оваа држава и на граѓаните“,
рече Османи.
Според министерот, околу уставните амандмани е составена една аура од конспиративни теории за тоа што ова може да носи како ризик за државата, нацијата идентитетот итн. Но, верува дека ќе пропадне сета пропаганда кога граѓаните и сами ќе ги прочитаат амандманите, ќе започне јавната дебата и ќе видат дека апсолутно не се отстапува од заложбите на оваа држава во однос на заедниците. Напротив, вели, ќе им се земе од рака алибито на оние кои тврдат дека во земјава се дискриминираат граѓани.
За партиите, пак, смета дека тие немаат ниту еден реален аргумент „против“.
„Партиите го злоупотребуваат ставот на граѓаните само заради партиски интерес, не заради интерес на државата. Немаат ниту еден аргумент зошто се против, затоа јас инсистирам дебатата да почне уште порано. Затоа што сакам да ги видам на еден панел, на една телевизија, да дебатираат тие што се против, да кажат еден аргумент освен тие познатите – зошто под диктат, зошто само ние итн. Тие немаат никаква тежина, туку сакам вистински аргумент зошто државата ќе се загрози, зошто Македонците ќе се загрозат ако во Уставот и со име се спомнуваат тие што веќе се спомнати. Така ќе се деконструира овој пропагандистички наратив кој е изграден само за партиски цели“,
вели Османи.
Во однос на Бугарија, по премиерот Ковачевски, и тој порача дека оваа соседна држава треба да ги почитува одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур за здружувањето на Македонците што живеат таму.
„Ние секогаш сме правеле разграничување во тој дел. Ние како земја членка на Совет на Европа апсолутно поддржуваме и инсистираме земјите да ги почитуваат одлуките на Советот, вклучувајќи го овде и правото на здружување во Република Бугарија и тоа никогаш не сме го ставиле под прашање. Тоа што нè ограничува е уставното уредување на Република Бугарија кое не признава организирање на граѓаните во заедници и оттука преземената обврска да не се мешаме во уставното уредување на Бугарија“,
рече министерот.