Министерот за образование и наука се надева дека учениците годинава навреме ќе ги добијат свидетелствата, а најавува и дека веќе има одобрени учебници за повеќе одделенија и очекува дека учениците ќе ги добијат со почетокот на наредната учебна година

Бирото за развој на образованието веќе има почнато постапка за избор на фирма што ќе ги печати свидетелствата за крајот на оваа учебна година, најави министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Тој додаде дека печатењето на свидетелствата е обврска на Бирото и дали годинава учениците навреме ќе ги добијат тој не даде конкретен одговор.
„За свидетелствата одговорноста е во Бирото за развој на образованието. Јас како министер имам побарано пред еден месец и веќе имаат почнато постапка за економски оператор. Се надевам дека ќе заврши навремено“,
рече Шаќири.
Во однос на тоа дали учениците наредната учебна година навреме ќе ги добијат учебниците, министерот посочи дека се надева на тоа. Според новата концепција за основно образование, учебници по нови наставни програми од оваа година ќе има за трето и за шесто одделение.
„Во врска со учебниците, постапките за трето одделение веќе завршија. Имаме време да ги одобриме. Постапките за шесто одделение, по добивање на програмите од страна на Бирото пред 10 дена, веднаш се пуштени на повик за автори. Веќе имаме одобрени учебници за повеќе одделенија, што претходната година беше процес на одобрување и процес на печатење“,
рече Шаќири.
Минатите две години учениците добиваат свидетелства во септември наместо во јуни, како што е пракса. На крајот од учебната година свидетелства добиваа само полуматурантите и матурантите на кои документот им беше потребен за запишување во средно образование или на факултет.
Оваа учебна година учениците од второ и петто одделение учебната година ја почнаа без дел од учебниците. Тие стигнаа до нив, но во повеќето беа констатирани грешки.
Откако во јануари годинава МОН најави дека во план е изработка на нов закон за учебници во основно и средно образование и ги повика сите заинтересирани да дадат свои сугестии за законското решение, Министерството за образование и наука, на почетокот на овој месец, информира дека веќе се изготвува првата нацрт-верзија на Законот и дека во работната група која учествува во изработката на новиот закон вклучени се претставници на повеќе институции и чинители на воспитно-образовниот процес.