ВМРО-ДПМНЕ и Левица поднесоа вкупно 4 500 амандмани за четирите закони со кои се бараше покачување на платите на судиите, јавните обвинители и судскиот и обвинителскиот совет

Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и Левица денеска поднесоа 4 500 амандмани на предлог-законите за изменување на Законот за плати на судии и на Законот за плати на членовите на Судскиот совет на Република Македонија, кои беа предложени од Владата, односно од Министерството за правда – по скратена постапка.
Четири закони беа денеска на дневен ред на седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, а откако беше констатирано дека за секој од законите има поднесено по околу 500 амандмани, таа беше прекината.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе 2 100 амандмани и ги блокираше четирите закони со кои се бараше покачување на платите на судиите, јавните обвинители и судскиот и обвинителскиот совет.
Дајанчо Ефтимов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција во Собранието истакна дека во услови кога инфлацијата во државата е на алармантно ниво, кога стопанствениците едвај даваат плати на своите вработени, кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, новата влада, со очигледно стари навики, не отстапува од намерата да ги зголеми платите на судиите и обвинителите.
„За да биде појасно, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не е против покачувањето на платите на судиите и јавните обвинители, но како одговорни пратеници реагираме од принципиелни причини бидејќи токму покачувањето на платите во судството треба да биде последната, а не првата мерка која што оваа Влада треба да ја направи“,
рече Ефтимов.
Пратениците на Левица – Димитар Апасиев и Борислав Крмов – пред отпочнувањето на денешната 54-та седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците поднесоа вкупно 2 400 амандмани на предлог-законите за покачување на платите на судиите, јавните обвинители и судскиот и обвинителскиот совет.
„Сметаме дека со огромната и ноторна недоверба на граѓаните кон корумпираниот судски систем, со престорување на правосудството во фамилијарна професија заробена во стегите на непотизмот, класните привилегии и кронизмот – платите на судиите се најмалиот проблем во реформата на судскиот систем, која треба да биде радикална“,
велат од Левица.
Оттаму додаваат дека стојат на ставот дека сè додека не се воведат суштински реформи во правосудството, кое ќе ги опфати проблемите кои се наталожени нема да дозволат зголемување на бенефициите на оваа, како што велат, лесно расиплива сорта на луѓе, кои се приврзоци на секој неправеден систем.
Претходно на Комисијата за политички систем и пратениците од владејачката коалиција и опозицијата ги поддржаа измените на Законот за Собрание за изедначување на платите со минималната плата, како и Законот за амнестија, со кој ќе се одредат условни казни за лицата кои беа казнети за време на ковид-пандемијата.
ВМРО-ДПМНЕ го поддржа законот, но според пратеникот Антонио Милошоски, тој од еден аспект е дискриминирачки бидејќи не ги опфаќа лицата што веќе платиле казна за прекршување на полицискиот час во ковид-кризата.