Според Маричиќ, важно е мрежата целосно да функционира и патарина да може да се плаќа како и во други држави, каде што обично таа се наплатува на влез во државата и потоа важи за целата држава

До зачленувањето на Северна Македонија во Европската Унија целта е да имаме целосна дигитализација на патарините. Ова денеска го изјави во Брисел вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ каде што учествува на објаснувачкиот скрининг состанок за Кластерот 4 ,,Зелена агенда и одржлива поврзаност”, со Поглавјето 21 „Трансевропски мрежи”.
„Целта е да се усогласиме со оваа политика, а тоа значи дека до членството во ЕУ да имаме целосна дигитализација. Тоа не значи дека нема да има вработени луѓе, туку дека начинот на којшто ќе се наплаќа таксата за патарина ќе биде дигитализиран“,
истакна Маричиќ.
Според него важно е мрежата целосно да функционира и патарина да може да се плаќа како и во други држави, каде обично таа се наплатува на влез во државата и потоа важи за целата држава.
„Тоа не значи дека се укинуваат патарините, ниту вработените. Се модернизира начинот на кој што се плаќа, којшто треба да биде непречен и да не предизвикува метежи. Целта е на патиштата да нема метежи и бизнисот, патувањата и туризмот непречено да се одвиваат“,
додаде Маричиќ.
Во јули 2019 година на патарините на делот од коридор 10 што минува низ државава е воведен електронски систем за наплата, а во тек е модернизација со поставување таков систем на наплатните станици Миладиновци, Глумово, Желино, Тетово и Гостивар на коридорот 8.
Според вицепремиерот Маричиќ големиот внатрешен пазар, заедно со слободата на движење на луѓе, стоки, услуги и капитал, значи поврзување на регионални и модерни мрежи со модерна и ефикасна инфраструктура.
„Северна Македонија е држава којашто е вклучена во транспортната заедница, како и сите други држави од Западен Балкан. Учествуваме и во енергетската, и во транспортната заедница, преку иницијативата на берлинскиот процес. Тоа е едно практично воведување на државите од Западен Балкан во европските коридори. Најголемата важност на трансевропските мрежи се рефлектира во способноста да се спроведат значајни инфраструктурни проекти со финансиска поддршка на ЕУ“,
напиша Маричиќ на својот фејсбук-профил.