Овие реформи ќе донесат придобивки за Македонците, не од денот на влегувањето на Северна Македонија во ЕУ, туку од денот на нивното спроведување, вели шведската амбасадорка

Во годината кога Северна Македонија и Шведска одбележуваат јубилејни 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, шведските власти одлучија да ја зголемат поддршката за реформи во земјава за 20 отсто.
Конкретно, годинава Шведска ја зголемува реформската поддршка за Северна Македонија на 80 милиони шведски круни (околу седум милиони евра) доколку тоа го дозволуваат и локалните капацитети за искористување на овие пари. Информацијата доаѓа во пресрет на денешната средба во Стокхолм помеѓу министерот за надворешни работи и актуелен претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, и неговиот шведски колега Тобијас Билстром.
Со зголемување на поддршката Шведска станува еден од најголемите донатори за земјава меѓу членките на ЕУ.
„Шведска значително ја зголемува поддршката за Северна Македонија за да и помогне да напредува во процесот на интеграција во ЕУ, особено на поле на зајакнување на демократскиот и инклузивен развој. Значителното зголемување на финансирањето за Северна Македонија е одраз на посветеноста на Шведска на позицијата дека Северна Македонија припаѓа во семејството на ЕУ. Шведска испорачува и тоа го правиме заеднички со граѓанското општество и институциите. Токму овие актери се тие кои мора да ги поттикнат широките реформи потребни на патот кон ЕУ. Овие реформи ќе донесат придобивки за Македонците не од денот на влегувањето на Северна Македонија во ЕУ, туку од денот на нивното спроведување“,
вели амбасадорката Ами Ларсон Џаин.
Реформската соработка на Шведска со Северна Македонија е дел од регионалната реформска стратегија за 2021-2027 година за развојна соработка во земјите од Западен Балкан и Турција. Примарната цел е да придонесе за поблиски врски меѓу земјава и ЕУ и да ги надополни активностите на ЕУ кои се фокусираат на фундаментални реформи.
Активностите што ги финансира Шведска во рамките на оваа стратегија им помагаат на националните власти во нивните домашни реформски напори и го поддржуваат граѓанското општество како што земјата напредува во процесот на интеграција во ЕУ.
Стратегијата има четири фокусни области, и тоа: човекови права; демократија; владеење на правото и родова еднаквост; мирни и инклузивни општества; еколошки и климатски отпорен одржлив развој и одржливо користење на природните ресурси; и инклузивен економски развој.