Големиот погром и прогон на битолските Евреи е извршен утрото на 11 март 1943 година, кога во Треблинка беа депортирани 3 351 жител на Битола
Да не се повтори никогаш ужасното зло од 11 март 1943 година, кога започнува депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта во Треблинка. Ова го порача премиерот Димитар Ковачевски по повод 80-годишнината од прогонот на Евреите од Македонија.
„Не смееме да дозволиме каков било облик на нетолеранција, антисемитизам, фашизам! Денес, кога светот се соочува со современи форми на агресија, исклучување, говор на омраза, поттикнати од национални, етнички, верски различности и неправедни наметнувања на едни народи и држави над други – сите сме повикани да бидеме гласни во осудата на овие недемократски пракси во 21 век“,
смета Ковачевски.
За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, Христијан Мицкоски овој ден значи системска елиминација на еврејското население и е најцрниот и најтажниот ден за македонската историја и Македонија.
„За стравотиите од ликвидирањето на македонските Евреи од страна на фашистичкиот окупатор кои на суров начин ги загубија своите животи има многубројни докази, сведоштва за нивната голгота, траорни судбини. Изразувам жалење за она на коешто била изложена Еврејската заедница во минатото. Македонија и македонските граѓани никогаш нема да ја заборават тагата и страдањата на овие семејства. Никогаш да не се повтори ова злосторство и болно минато“,
порача Мицкоски.
Големиот погром и прогон на битолските Евреи е извршен утрото на 11 март 1943 година, кога во Треблинка беа депортирани 3 351 жител на Битола.
Според сочувани списоци, депортирани беа 973 семејства или едно семејство со 12 члена, две семејства со 11 члена, четири семејства со 10 члена, четиринаесет семејства со девет члена во семејството…, а најмногубројни биле семејствата со три или два члена во семејството кои пеш биле однесени до Железничката станица во Битола и каде што со последниот претрес им биле одземени златните прстени, часовници, бисери и друг накит.

Во списокот на депортираните во Треблинка се и 129 ученици и 115 ученички, родени во иста година и сите депортирани во ист ден. Во главните ученички книги од учебната 1942-1943 година што се чуваат во битолскиот Историски архив, на страницата на ученици Евреи, тогашните одделенски раководители напишале „Иселен на 11.03.1943 год.“ за, како што нагласуваат хроничари, да се скрие насилството врз Евреите гимназијалци од Битола.
Како што е познато, масовното населување на Евреи во Битола е регистрирано во 1497 година, а нивните огништа згаснаа со депортацијата на 11 март 1943 година.