Ако веќе Арсовска не сака и не може да ја доврши реконструкцијата на симболот на Скопје, Владата, која е и финансиер на овој проект, има и волја и можност тоа да го стори. Со неспособната коалиција Арсовска-ДПМНЕ-Левица, град Скопје назадува и не е во состојба да ги испорача ниту најосновните функции за граѓаните, велат од СДСМ

Коалицијата Арсовска-ВМРО-ДПМНЕ-Левица застана против проектот за реконструкција на Универзалната сала, каде што работите стојат во место повеќе од една година откако градоначалничката реши да не го продолжи овој проект. Вака денеска реагира СДСМ откако на вчерашната седница на Град Скопје советниците не прифатија да ја разгледуваат иницијатива за временото отстапување на Универзалната сала на Владата.
„Не ја ставија ниту на дневен ред на Советот на Град Скопје иницијативата на советничката група на СДСМ за времено отстапување на Универзална сала од Град Скопје на Владата на Република Северна Македонија, која е подготвена да ја заврши реконструкцијата. За реконструкцијата се обезбедени средства во износ од 120 милиони денари од Владата, од кои искористени се само околу 40 милиони, што значи дека за овој проект на располагање се уште 80 милиони денари. Владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ – Левица во град Скопје и Арсовска, и покрај обезбедените средства, ја оставија Универзалната сала да пропаѓа“,
велат од СДСМ.
Оттаму додаваат дека ако веќе Арсовска не сака и не може да ја доврши реконструкцијата на симболот на Скопје, Владата, која е и финансиер на овој проект, има и волја и можност тоа да го стори.
„Арсовска-ДПМНЕ-Левица не ги засега ниту тоа што Универзална сала, како носител на проектот Скопје Европска престолнина на културата – 2028 година е влезена во потесниот избор. Универзална Сала, како симбол на Скопје и на солидарноста, градена по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, со донации од десетици држави, не е единствениот проект што е закочен или прекинат од локална власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. Со неспособната коалиција Арсовска-ДПМНЕ-Левица, град Скопје назадува и не е во состојба да ги испорача ниту најосновните функции за граѓаните“,
се додава во соопштението од СДСМ.
За вчерашната седница на Град Скопје, СДСМ имаше поднесено иницијатива за отстапување на Универзалната сала за временото отстапување на Владата. За оваа иницијатива претседателот на Советот Трајко Славески кажа дека го добил, но не го разделил до советниците текстот на иницијативата зашто сакал да свика координација во врска со писмо за намери кое стигнало во Градот од министерката за култура, поврзано со потребата од промена на инвеститорот за реконструкција на Универзалната сала.
„Мојата намера беше во редовна процедура да свикам координација на претставници, на координатори на советничките групи, да добиеме мислење од градоначалникот, соодветните служби на Град Скопје и заеднички да постапиме по ова писмо на намери од страна на Министерството за култура. Од таму, јас немам ништо против Советот да се изјасни, но мое лично мислење е дека оваа иницијатива можеби треба да почека за наредната редовна седница“,
изјави претседавачот на Советот на град Скопје, Трајко Славевски.
Со слична изјава излезе и претседателот на Комисијата за култура при Советот на Град Скопје.
„Бидејќи станува збор за неколку правни нешта кои треба да бидат усогласени побарав средба со министерката. Очекувам дека тоа ќе се случи многу скоро деновиве. И после таа средба размислував околу свикувањето на седница на Комисијата за култура на која имаме претставници од сите советнички групи да го продискутираме тоа, да го продискутираме она што ќе го разговараме со министерката и потоа како заедничка иницијатива од Комисијата за култура да произлезе една таква иницијатива. Реконструкцијата на Универзална сала е премногу голем залак за хранење на мали суети“,
вели Страшо Ангеловски, претседател на комисијата за култура при град Скопје.
За ваквиот исход од советничката група на СДСМ се пожалија на односот од советниците и од претседателот на Советот.
Околу преземањето на Универзалната сала од страна на Министерството за култура се говори уште од ноември минатата година кога министрите за култура и за локална самоуправа, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Ристо Пенов, беа на средба со градоначалничката Данела Арсовска од каде што излегоа со тврдење дека Универзална сала целосно ќе биде преземена од Министерството за култура за што добиле согласност од градоначалничката.
Потоа од Град Скопје испратија соопштение во кое се наведуваше дека на заедничката средба се договориле дека во следните денови ќе се изнајде заедничко прифатливо решение за да продолжи изградбата во интерес на граѓаните за што од Министерството треба да добијат писмено барање по што потоа ќе се изјаснат.
Но, оттогаш министерката за култура во неколку наврати кажа дека досега немаат добиено никаков одговор од Град Скопје ниту, пак, им е доставена состојба, што е направено во Универзална сала.
Костадиновска-Стојчевска и на последната средба со новинарите минатиот месец објасни дека и имаат предложено на градоначалничката Данела Арсовска да ѝ помогнат околу реконструкцијата.