Новиот кинески министер за надворешни работи го бранел блиското пријателство меѓу Кина и Русија, однос кој е во фокусот на западот особено во релација со војната во Украина. Чин посочил дека врските меѓу Пекинг и Москва „поставуваат пример за глобалните надворешни односи“
Соединетите Американски Држави (САД) и Кина се движат кон неизбежен конфликт доколку Вашингтон не го промени својот пристап, рекол новиот кинески министер за надворешни работи на, како што пишува Гардијан, жестока прес-конференција на која го бранел зајакнувањето на односите на неговата земја со Русија.

Во својот прв медиумски настап како министер за надворешни работи, одржана денеска на маргините на политичкиот собир „Две сесии“, Чин Ганг ја истакнал агендата за надворешна политика на Кина за наредните години, претставувајќи ја земјата и нејзиниот однос со Русија како светилник на сила и стабилност, додека за САД и нивните сојузници рекол дека се извор на тензии и конфликти.
„Ако САД не притиснат на сопирачките и продолжат да забрзуваат по погрешниот пат, ниту една заштитна ограда не може да спречи излегување од шините и сигурно ќе има конфликт и конфронтација“,
рекол Чин.
Новиот кинески министер за надворешни работи го бранел блиското пријателство меѓу Кина и Русија, однос кој е во фокусот на западот особено во релација со војната во Украина. Чин посочил дека врските меѓу Пекинг и Москва „поставуваат пример за глобалните надворешни односи“.
„Со Кина и Русија кои работат заедно, светот ќе има движечка сила. Колку светот станува понестабилен, толку повеќе императив е Кина и Русија постојано да ги унапредуваат своите односи“,
рекол тој.
Според Чин постои „близок контакт“ меѓу раководството на двете земји.
Коментарите на Чин, пишуваат медиумите, се усогласени со говорот на кинескиот лидер, Кси Џинпинг пред политичките делегати вчера во кој го осуди, како што го нарече „потиснувањето“ на Кина предводено од САД.
„Западните земји предводени од Соединетите држави спроведоа сеопфатно ограничување, опкружување и потиснување на Кина, што донесе невидени сериозни предизвици за развојот на нашата земја“,
нагласил Чин.
Кинеско-американските односи нагло се влошија во последниве години, а напорите за нивно поправање беа исфрлени од шините на почетокот на оваа година кога САД соборија, како што тврдат, кинески шпионски балон, кој беше детектиран во воздушниот простор на САД. Кина тврди дека се работи за несреќа предизвикана од „виша сила“ и дека САД претерале во реакцијата.
Чин во своето обраќање ги обвинил САД за влошените односи, особено наведувајќи го инцидентот со балон, како и тензиите околу Тајван и војната во Украина. Тој навел дека конфликтот во Украина се чини дека е поттикнат од „невидлива рака … користејќи ја украинската криза во служба на одредени геополитички агенди“, притискајќи за одолговлекување и ескалација на конфликтот.
Прашањето за Тајван, новиот шеф на кинеската дипломатија, го посочил како црвената линија што не смее да се премине во односите меѓу САД и Кина.
„Прашањето на Тајван е основата на политичките односи меѓу САД и Кина и првата црвена линија што не смее да се премине во односите меѓу САД и Кина“,
рекол тој.
Чин рекол дека очекувал прашање за Тајван и затоа со себе донел копија од уставот на Народна Република Кина. Тој потоа го прочитал делот во кој се тврди дека Тајван е „свет“ дел од Кина.
Прес-конференцијата на Чин, како што оценува Гардијан, ги покажала надворешно-0политичките намери на Кина за новиот петгодишен политички мандат, кој започна со повторното именување на Кси за лидер на кинеската комунистичка партија во октомври минатата година, и со новите владини назначувања што треба да бидат објавени оваа недела. Чин ја нагласил улогата на Кина како фактор за глобална стабилност и просперитет, особено на глобалниот југ. Тој рече дека достигнувањата на Кина „го рушат митот дека модернизацијата е западизација“.
Тој рече дека Кина би можела да понуди решенија за глобалните предизвици, но другите „се држат до микрофонот“.