Откако минатиот период, особено за време на собраниските продолженија на седницата за владината реконструкција, сè почести беа препирките и навредите кои пратениците и пратеничките си ги упатуваа меѓусебе, пратеничките во Собранието најавија дека на седницата на 8 март ќе бараат закон со кој ќе се казнува говорот на омраза не само кон нив туку воопшто кон жените
За в среда, 8 март – Меѓународниот ден на жената, во Собранието е закажана првата пленарна седница која ќе биде посветена исклучиво на унапредување на родовата еднаквост.
Откако минатиот период, особено за време на собраниските продолженија на седницата за владината реконструкција, сè почести беа препирките и навредите кои пратениците и пратеничките си ги упатуваа меѓусебе, пратеничките во Собранието најавија дека на седницата на 8 март ќе бараат закон со кој ќе се казнува говорот на омраза не само кон нив, туку воопшто кон жените.

Ова ќе биде еден од заклучоците што треба да бидат усвоени на седницата на која ќе се дискутира за напредокот на родовите прашања во изминатите дваесет години, откако постои и Клубот на пратенички.
Дел од пратеничките, и од власта и од опозицијата, во изјава за МИА велат оти е направено многу во поглед на застапеноста на жените и унапредувањето на нивните права, но дека е потребно уште многу да се работи. Како едно од најактуелните прашања се посочува искажувањето говор на омраза во јавноста.
Говорот на омраза во јавноста треба да се казнува со закон, смета Цветанка Иванова – генералната секретарка на Собранието и поранешна пратеничка, која е една од двигателите на Клубот на пратенички. Во изјава за МИА Иванова вели дека говорот на омраза не е само навреда кон поединецот, туку и навреда на демократијата.
„Говорот на омраза не е само навреда на поединецот, туку и навреда на демократијата зашто слободата на говорот е навистина основно човеково право, но треба да има граница, механизам со којшто сето ова ќе се регулира. Мислам дека потребно е жените да поработат на законско решение со кое што ќе се санкционира говорот на омраза во сите сфери на социјалните мрежи, на политичката говорница, на политичката сцена, и тоа би требало да им биде приоритет на жените политичарки“,
вели Иванова.

Порача дека кога во одредени моменти некоја жена е нападната со говор на омраза, потребна е поголема женска солидарност на жените од различните политички партии. Смета дека во тие моменти жените треба да се издигнат над своите партиски идеолошки определби и да ги осудат таквите настани.
„Но, не можат да го прават тоа само жените, потребно е цело општество, институциите координирано да настапуваат, да функционираат, власта да изрази цврст став против говорот на омраза. Медиумите исто така да дадат свој придонес околу намалување на говорот на омраза во јавните средства“,
потенцира Иванова.
Според неа, и политичките партии внатре треба да поработат суштински на родовото прашање и говорот на омраза затоа што, како што посочува, се деградира целото општество.
Претседателката на Клубот на пратенички во Собранието, Лолита Ристова, зборувајќи за седницата посветена на дваесетгодишнината од основањето на Клубот, во изјава за МИА потенцира дека еден од заклучоците на оваа седница ќе се однесува токму на говорот на омраза.
Според неа, Собранието мора да биде многу повеќе родово сензитивно, сензибилизирано, а говорот на омраза да биде заборавена работа без оглед на тоа колку и да се големи политичките аспирации и претензии за постигнување на одредени работи.