Претставници на 17 еколошки организации и граѓански иницијативи од Охрид, Струга и Подградец порачаа дека е крајно време состојбата во Охридскиот Регион да биде презентирана онаква каква што е наместо проблемите да се ставаат под тепих. Велат дека во извештајот се споменати точни работи, но дека во него има и многу пропусти и погрешни работи со цел да се одвлече вниманието на јавноста од проблемите
Извештајот околу заштитата на културното и природното наследство на Охридскиот Регион, кој Министерството за култура го има поднесено до УНЕСКО, не соодветствува со реалната состојба на терен.
За ова денеска алармираа претставници на 17 еколошки организации и граѓански иницијативи од Охрид, Струга и Подградец кои порачаа дека е крајно време состојбата да биде презентирана онаква каква што е, наместо проблемите да се ставаат под тепих.
Овој извештај, според Никола Киселинов од охридската туристичка асоцијација „Билјана“, во многу аспекти не е точен и не се совпаѓа со реалната состојба. Во оваа насока тој ја спомена урбанизацијата на Националниот парк „Галичица“ која во извештајот била опфатена на половина страница, а, како што рече, се работи за голем проблем кој заслужува повеќе внимание.
„Има точни работи спомнати во Извештајот, но и многу пропусти и погрешни работи, со цел да се одвлече вниманието на јавноста од проблемите“,
истакна Киселинов.

Невозможно е на 60 страници да се презентираат сите проблеми со кои се соочуваат Охрид, Струга и регионот, заедно со албанската страна, смета Сашо Кироски, дипломиран археолог од Асоцијацијата за заштита на природното и националното богатство.
„Навистина е срамно да доаѓаме во ситуација експерти од УНЕСКО да ни посочуваат што треба да правиме на најстарото езеро во Европа. Културното наследство е во сериозни проблеми, од двете страни на Езерото. Последните 15 години од Завод и музеј од Охрид не е спроведен ниту еден проект, ниту едно научно археолошко истражување, а сето што е спомнато во Проект-планот на УНЕСКО треба да се спроведе до 2029 година“,
истакна Кироски.
Претставниците на невладините организации порача дека и албанската и македонската страна имале неколку иницијативи за решавање на дел од проблемите во овој регион, но за другите проблеми, како што велат, досега не е сторено ништо. Додаваат дека двете страни испратиле извештаи до УНЕСКО за состојбата, но дека засегнатите субјекти сè уште не добиле никакви информации за содржината на предвидениот План за ревитализација на Охридското Езеро и Охридскиот регион.
„Проблем е што ние немаме пристап до Планот за ревитализација, за кој се посочува дека е изготвен, а ниту Националниот парк ‘Галичица’, Хидробиолошкиот институт, ‘Проаква’, општините Охрид, Струга и Дебрца никој од нив нема информација што содржи тој план“,
рече Аријан Мароли од Мрежата на невладините организации од Албанија и Северна Македонија.
Интенција на невладините организации е да испратат заедничко писмо до владите на двете држави за сè што треба да се направи доколку навистина се има намера да биде заштитено Охридското Езеро.