Гледајќи од искуствата на колегите во Албанија, сигурно дека не би посакала да биде таков вид на ветинг како што се случи таму, бидејќи освен оние лица што, можеби, со право беа тргнати од правосудниот систем, на некој начин беа отстранети и настрадаа лица што, можеби, не би требало да заминат од своите функции – вели директорката на Академијата за судии и јавни обвинители за најавите дека наскоро може да се донесе закон за ветинг
Ако се прави ветинг во судството и обвинителството, тоа треба да се спроведе многу внимателно, вели директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска, во интервју за „360 степени“ на ТВ „Алсат“. Таа се повика на искуството од соседна Албанија.

„Гледајќи од искуствата на колегите во Албанија, сигурно дека не би посакала да биде таков вид на ветинг како што се случи таму, бидејќи освен оние лица што, можеби, со право беа тргнати од правосудниот систем, на некој начин беа отстранети и настрадаа лица што, можеби, не би требало да заминат од своите функции. Така што, мислам дека треба внимателно да се прави тоа, ако се смета дека треба да се направи“,
вели Габер-Дамјановска.
Според неа, има механизми на дисциплинска одговорност што можат да ги применат постојните тела – Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, со кои може да се провери професионалноста во работењето на постојниот кадар.
„На пример, наназад да се види зошто одредени предмети застаруваат. Еве, почна со еден предмет во Апелација, ама јас тоа би го видела можеби и последните 15 години. Свесна сум дека е тоа многу работа и прашање е дали може да се изведе, ама верувам дека постојат параметри и сега одредени контролни механизми да заживеат поинтензивно“,
додава таа.
Таа посочува дека во јавноста има чувство на неказнивост за некои работи за кои нема соодветна судска разрешница и дека разочараноста се рефлектира и врз Академијата за судии и јавни обвинители како дел од правосудните институции.