Менаџерот на киевската Национална уметничка галерија не сакал сликите да собираат прашина во складиште во странство, но ги прашал европските музеи дали се заинтересирани за одржување изменети верзии на две изложби кои веќе се одржале во Украина

Кога Русија испрати војници во Украина пред една година, менаџерот на киевската Национална уметничка галерија имал само една работа на ум – безбедноста на уметничките дела.
Штом се огласило предупредувањето за воздушен напад, Јуриј Вакуленко се спакувал и отишол во галеријата, каде што ги поминал следните 66 дена во подрумот грижејќи се за изложените примероци, подготвен во секој момент да облече заштитен елек и да стави гас-маска на главата.
Вакуленко не сакал сликите да собираат прашина во складиште во странство, но ги прашал европските музеи дали се заинтересирани за одржување изменети верзии на две изложби кои веќе се одржале во Украина.
Се согласиле два швајцарски музеи – Музејот на уметност и историја во Женева и Музејот на уметност во Базел.
„Тоа беше идеја што ќе овозможи нашите слики да бидат безбедни, а нашата галерија да продолжи да се бори на културното бојно поле“,
изјави Вакуленко за Ројтерс во Киев.
Музејот во Женева, кој ги прифатил сликите од Прадо во Мадрид за време на Шпанската граѓанска војна, испратил опрема за пакување на уметничките дела за да се обезбеди нивен безбеден транспорт.
Привремените изложби на Музејот за уметност и историја се одржуваат во музејот Рат, кој припаѓа на истата група културни институции, а во моментов, како дел од изложбата „Од самрак до зори“ се прикажани делата на украинските сликари од киевската галерија.
Изложени се и кутиите во кои сликите биле транспортирани од Украина, неколку недели откако прозорците на киевската галерија биле скршени од удар на граната.
Вакуленко вели дека било невозможно да се обезбедат сликите додека минувале низ Украина, а пратката била придружена од обезбедување на дводневното патување до границата со Полска.
„Најважно беше да се чува во тајност движењето на товарот на територијата на Украина. Деталите за движењето на товарот беа познати само на многу ограничен круг луѓе директно поврзани со процесот на транспорт и осигурување“,
рече Вакуленко.
На изложбата во Базел се претставени 49 дела на уметници родени во Украина од периодот меѓу 18 и 20 век, како Илја Рјепин и Володимир Боровиковски. Многу од сликарите се школувале во Русија и почнале да се поврзуваат со Руската Империја или Советскиот Сојуз.
Но, изложбите претставуваат предизвик за сеопфатното разбирање на руската уметност.
„Тоа беше важен проект за разбирање на приказната зад нивната колекција, но и за посвесен и критички поглед на нивната историја. Навикнати сме на етикетата руска уметност, но под неа се крие многу повеќе“,
рече Олга Осадчи, помошник куратор во Музејот на уметност во Базел, за иницијативата на киевската галерија.