Гледано од аспект на партиска припадност, дури 89 отсто од оние што на минатите избори гласале за ВМРО-ДПМНЕ се против уставни измени. Пред нив се само гласачите на Левица со 92 отсто
Речиси половина од испитаниците сметаат дека најголем економски партнер на државата треба да биде ЕУ, а 21 отсто одговориле дека тоа треба да бидат САД. САД, од друга страна, пак, се перципира како надворешен фактор со најголемо влијание во Северна Македонија

Речиси две третини (65 отсто) од граѓаните не се согласуваат со вметнување на Бугарите во Уставот, што е неопходно за продолжување на преговарачкиот процес со ЕУ. 26 отсто, пак, сметаат дека треба да се направат уставните измени.

Ова е резултат од истражувањето „Европа во криза. Последиците врз јавното мислење во Северна Македонија“ изработено од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и фондацијата „Кондрад Аденауер“.
Ако се анализираат одговорите по етничката припадност на испитаниците, се добива појасна слика за групата која го сочинува мнозинството што одговориле „не“.
Од Македонците, само 15 отсто сметаат дека Бугарите треба да се внесат во Уставот, додека високи 80 отсто се против. Од Албанците, пак, 53 отсто сметаат дека треба да се направат уставните измени, а 32 отсто одговориле со „не“.

Против уставни измени се гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, но и 59 отсто од тие што гласале за СДСМ
Ова прашање е анализирано и од аспект на која политичка партија се поддржувачи испитаниците, па така дури 89 отсто од оние што на минатите избори гласале за ВМРО-ДПМНЕ се против уставни измени. Пред нив се само гласачите на Левица со 92 отсто.
„Повеќе од половина (59 отсто) од испитаниците кои го дале својот глас за СДСМ не се согласуваат со овие уставни измени, на сметка на 39 отсто испитаници од истата партија кои сметаат дека овие уставни измени се пожелни. Интересен е и податокот дека 72 отсто од испитаниците кои не гласале на минатите избори се согласни дека Уставот не треба да подлежи на измени“,
покажува истражувањето.

ЕУ најголем донатор, САД најголемо влијание
Дел од истражувањето е и анализа на тоа кој, според граѓаните, треба да биде најголем економски партнер на Северна Македонија.
Резултатите покажуваат дека речиси половина (49 отсто) сметаат дека тоа треба да биде ЕУ. Понатаму, за САД се определиле 21 отсто од испитаниците. Трета е Турција со 14 отсто, потоа следуваат Русија со 12 и Кина со 11 отсто.

Во ЕУ граѓаните препознаваат и најголем донатор (дава пари за развој) на Северна Македонија. 46 отсто од испитаниците одговориле дека тоа е Унијата. И овде, САД се втори со 17 отсто во одговорите на испитаниците. Потоа следуваат Турција и Германија (со 5 отсто). 18 отсто, пак, не препознаваат донатор меѓу другите земји.

„По минатогодишниот пад во мислењето дека ЕУ е најголемиот донатор во државата, испитаниците повторно ја позиционираат Унијата на прво место. Ова мислење, со исклучок на 2021, преовладува меѓу сите испитаници. Тоа што е важно за издвојување е бројот на испитаници кои не можат да го идентификуваат најголемиот донатор. Ваквите тенденции покажуваат дека честопати парите за развој не се доволно видливи или почувствувани од граѓаните за истите да можат подоцна и да го идентификуваат нивното потекло“,
пишува во анализата на јавното мислење.

Едно од прашањата во анкетата било и „кој надворешен фактор има најголемо влијание во нашата земја“, на кое повеќе од половина (52 отсто) од испитаниците ги посочиле САД.
Дека ЕУ има најголемо влијание, пак, одговориле 21 отсто. Потоа следуваат Русија и Бугарија со по 4 отсто, Германија со 3, Турција со 2 и Албанија, Србија, Франција и Кина со по 1 отсто.

Ако се гледаат одговорите по етничка припадност, интересно е што наспроти традиционалното мислење од претходните анкети во кои Албанците ги сметаат САД како највлијателен фактор во земјава, годинава мнозинството етнички Македонци (55 отсто) се оние кои ги рангираат САД на прво место и се со мала предност во однос на истомислениците меѓу етничките Албанци (51 отсто).

Во однос на вкрстените податоци со минатите години, пак, анализата покажува раст во перцепцијата за влијанието на ЕУ.
„Овогодишната анализа покажува раст во перцепцијата за ЕУ (21 отсто) како фактор на влијание споредбено со огромниот пад (10 отсто) во 2021 година, наспроти 2020-та година (34 отсто). Најголемо влијание од ЕУ се бележи во 2019 година (45 отсто) по Преспанскиот договор потпишан со Грција за разрешување на деценискиот спор и своевремените ветувања кои истиот договор ги носеше за целосно одблокирање на процесот. Во 2022 год., забележуваме двојно намалена перцепција (21 отсто). Се чини дека ЕУ во очите на јавноста сè уште не може целосно да го поврати својот кредибилитет изгубен по ветото на Бугарија врз преговарачката рамка, последоветално по неуспешноста на ЕУ по договорот со Преспа и промената на името на Македонија да го одржи својот збор и ветување и да започне преговори со Северна Македонија“,
пишува во анализата.

Пад на поддржувачите на Евроазиска Унија предводена од Русија
Анализата на јавното мислење ги опфаќа и ставовите на граѓаните околу поддршката за алтернатива на ЕУ како Евроазиската Унија предводена од Русија. Бројот на оние кои се против во последните три години е ист (53 отсто). Бројот на оние кои би поддржале таква алтернатива за ЕУ, пак, во 2022 бил 32 отсто, што е пад за 3 процентни во споредба со 2021, а за 7 во споредба со 2020.


Анализата на јавното мислење е направена по спроведена телефонска анкета од 17 до 30 ноември 2022 година преку национален репрезентативен примерок од 1005 испитаници.