Во објавата на својот фејсбук-профил, опозицискиот лидер им се обраќа и на сопругата и на ќерката на премиерот, велејќи дека ниту нешто сторил ниту допрва ќе направи за да ја повреди нивната чест и достоинство. Пишува дека не му паднало на памет да вовлекува нечии семејства во дневната политика зашто, како што вели, знае како е да се биде сопруг и родител и поради тоа има почит за секое друго семејство
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва преку објава на Фејсбук го повика премиерот Димитар Ковачевски, доколку има, до Обвинителството да достави докази за обвинувањата кои денеска ги изнесе во јавноста оти опозицискиот лидер наредувал недолични напади врз неговата сопруга и ќерка.
Мицкоски ги оцени за безобразни лаги изјавите на премиерот и изрази жалење што политичката комуникација се свела на толку ниско ниво. Доколку, пак, се испостави оти тврдењата на Ковачевски се точни, Мицкоски порача дека веднаш ќе се повлече од политиката.
„Доколку тоа не го стори, многумина ќе очекуваат да го тужам и правдата за оваа лоша лага да ја барам на суд, но тоа нема да го сторам. Овој човек што го вовлекува своето семејство не заслужува такво внимание, поради што сум и вистински згрозен. Кога човек е слаб, немоќен и кукавица, тогаш за да се прикаже жртва го вовлекува своето семејство“,
пишува Мицкоски на Фејсбук.
Во објавата на својот фејсбук-профил, опозицискиот лидер им се обраќа и на сопругата и на ќерката на премиерот, велејќи дека ниту нешто сторил ниту допрва ќе направи за да ја повреди нивната чест и достоинство. Пишува дека не му паднало на памет да вовлекува нечии семејства во дневната политика зашто, како што вели, знае како е да се биде сопруг и родител и поради тоа има почит за секое друго семејство.
„Воедно, јас нема себеси да се прикажувам како жртва поради тоа што на моето семејство му се доделуваат невкусни ептитети и тоа токму од инсталациите на власта, оние кои управуваат медиуми и тие кои добиваат пари од истите, тоа што се инволвираат членови на моето семејсво во црна кампања, мојата сопруга, мајка, татко, сестра, тоа што се подметнува наводно скриен имот кој не е мој итн., итн. Јас нема да говорам за сето ова, зашто мојата решеност да одам до крај и да се борам за иднината е поголема од секоја нивна слабост и подмолност“,
се наведува во фејсбук-објавата на Мицкоски.
Изјавите на опозицискиот лидер следуваат откако претходно денеска премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека по негова наредба биле правени недолични видеа за неговата малолетна ќерка на социјалната мрежа ТикТок минатата година.
Премиерот обвини и дека Мицкоски наредил неговата сопруга да биде напаѓана од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на седницата за реконструкција на Владата.
„Јас и моето семејство сме под директен напад, посебно мојата сопруга, и под директна наредба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од прв ден. До таква атмосфера дојде бидејќи ВМРО-ДПМНЕ, немајќи никакви аргументи во расправата во Собранието за реконструкцијата на Владата и со оглед на тоа дека нивниот претседател кажуваше дека имал 61 пратеник за да ја турне Владата, а излезе дека Владата има зголемено мнозинство од 65, па по негова наредба дискусиите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ беа исклучиво насочени против мојата сопруга, иако тој знае за одредени здравствени предизвици кои мојата сопруга ги имаше и ги има“,
рече Ковачевски.