Според директорката на Центарот за управување со промени Неда Малеска-Сачмароска дискриминацијата врз основа на политичка припадност најчесто се среќава во областа на работата и вработувањето, како причина за пристап до работно место и напредување и губење на работната позиција. Она што се јавува како проблематично е дека чувството на неправда е подеднакво застапено кај сите етнички групи – македонската, албанската и ромската етничка заедница
Политичката припадност се повеќе испливува на површина како главна основа за дискриминирање, покажува анкетата на Центарот за управување со промени (ЦУП).
Не е мал бројот и на случаи во кои коренот за дискирминаторскиот однос лежи во етничката, религиозната и општествената припадност, но овој пат најголем број од граѓаните се жалат токму на политичката определба како основа на дискриминирање.
Резултатите од анкетата на ЦУП спроведена на 1 171 испитаници, што денеска на конференција на тема: „Дали Република Северна Македонија е фер земја? Како институциите да ја унапредат борбата против дискриминацијата?“ ја презентираше директорката на Центарот, Неда Малеска-Сачмароска, покажуваат дека 45,5 отсто од испитаниците ја идентификуваат политичката припадност како главна основа за дискриминирање.

Според Малеска-Сачмароска, дискриминацијата врз основа на политичка припадност најчесто се среќава во областа на работата и вработувањето, како причина за пристап до работно место, напредување и губење на работната позиција.
Она што се јавува како проблематично, посочи таа во своето обраќање на конференцијата, е дека чувството на неправда е подеднакво застапено кај сите етнички групи – македонската, албанската и ромската етничка заедница.
„Постои едно раслојување и по партиска и по етничка припадност, каде што политичките партии успеваат да обезбедат работа и вработување, единствено на своите приврзаници и во етнички македонски и етнички албанскиот блок. Ова говори дека администрацијата се смета за политички плен, а политиката е еден од најбрзите и најдобри начини да се дојде до работна позиција во нашето општество и да се обезбеди социјален статус“,
истакна директорката на ЦУП.
Малеска-Сачмароска во тој контекст напомена дека сме многу политизирано општество и оти секоја политичка одлука влијае врз нашите животи, бидејќи приватниот сектор е релативно слаб, а сиромаштијата продлабочена.
За разлика од анкетата на ЦУП според која најголем дел од граѓаните се убедени дека најчестата форма на дискриминација е базирана врз политичко уверување, социјалниот статус и националната или етничка припадност анализите на статистичките податоци на Комисијата за заштита од дискриминација за минатата 2022 година велат дека најчести основи за дискриминација се националната и етничката припадност, личното својство и општествениот статус, изјави во пресрет на конференцијата претседателката на Комисијата Весна Бендевска.
Сепак, Бендевска не отфрла дека можеби токму врз овие основи што ги покажуваат нивните анализи се крие политичкото уверување.
„Граѓаните поднесувачи на претставки најчесто не сакаат да признаат дека се чувствуваат дискриминирани од аспект на нивното политичко уверување“,
изјави Бендевска за новинарите.
Како што информираше таа, во последните 20 месеци, Комисијата работела на вкупно 470 предмети, а во 2022 година такви имало 255.

„Области во кои најчесто се случуваат дискримининациските активности се работата и работните односи и тоа верувам дека некое попрецизно истражување ќе докаже дека, политичкото уверување и тоа како влијае на еднаквиот пристап до вработување, унапредување и градење кариера во нашето општество“,
вели претседателката на Комисијата за заштита од дискриминација.
Оваа година, посочи таа, Комисијата имала голем број претставки кои се однесуваа на вознемирувачки говор врз национална и етничка припадност најчесто промовирани на социјалните мрежи.
„Процентот од вкупниот број е 74 и најчесто здруженијата на граѓани ги поднесуваат овие претставки“,
рече Бендевска, најавувајќи дека во текот на март Комисијата ќе излезе со прецизни и детални наоди од извештајот за својата работа во 2022 година.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа посочи дека од 255 поднесени претставки минатата година не значи дека сите биле завршени со утврдена дискриминација.
„Комисијата во 70 случаи утврдила дискриминација, во 64 предмети не утврдила дискриминација. Извесен процент ги отфрлила заради ненадлежност, извесен број претставки се отфрлаат заради неуредност или согласно закон доколку подносителот одлучи сепак да побара судска заштита заради дискриминација, Комисијата е должна веднаш да ја прекине постапката“,
појасни Бендевска.