„Немам коментар“, беше одговорот од градоначалникот на Свети Николе и во телефонските обиди и при нашата кратка средба пред седиштето на Општината на прашањето – зошто се противи на изградба на депонија за Источниот и Североисточниот регион во селото Мечкуевци, иако процесот е во напредна фаза, а проблемот е спомнат дури и во последниот годишен извшетај на Европската комисија
Северна Македонија доби кредит од 55 милиони евра од Европската банка за обнова и развој со кои треба да продолжи воспоставувањето современ систем за управување со отпад во целава земја за што многу се зборуваше во изминатит период, а малку е направено
На 14 километри од Свети Николе, на патот кон Пробиштип, е селото Мечкуевци. Речиси е напуштено, има само петмина жители. Паднатите градби што датираат од турско, немањето чиста вода за пиење и канализација не е она што најмногу ги мачи во последно време. Вознемирени се од најавата за изградба на регионална депонија во нивниот атар.

„Депонијата, едни рекоа ќе се прави, едни рекоа патот да се направи, стар пат имаше, да не одат камионите по него. Се смени власта, тоа се растури и ништо“,
вели жителка на Мечкуевци.
Меѓу оние што имаат дилеми за идната депонија е и Павле Ѓорев кој пензионерските денови ги минува во Мечкуевци.
„Јас лично мислам дека како идеја е многу добра за цела Македонија, не само за Мечкуевци. Меѓутоа, за Мечкуевци како реон – не е баш добра затоа што ова место е чисто, незагадено, тука чуваат овци, говеда. Кога ќе ја направат таа депонија и тоа ќе замре“,
смета Павле Ѓорев – жител на Мечкуевци.
По неколку минути возење, на два километри над селото, Ѓорев нè однесе на локацијата на која треба да се гради депонијата.

„Ова место баш ќе биде. До долот таму и наваму.“
360°: Значи ова е тоа место Колиш?
„Да, ова е место Колиш. Натаму е реонот Тоал. Место за чување стока, многу природно. Ако биде сè современо, да биде затворен систем, сè како што треба, да нема отпад расфрлање, еве како дува ветер – aко го остават така, отидоа најлоните во Штип“,
вели Ѓорев.
Против изградба на депонија погласни се жителите на селото Немањица кое се наоѓа меѓу Мечкуевци и Свети Николе. Велат дека камионите со ѓубре што би минувале тука за да стигнат до Мечкуевци ќе им го уништат и онака дотраениот пат.

„Патот да биде долу, а не овде низ селото. Овде е населено место, овде има стари луѓе, ќе помине куче или било што“,
рече жител на Немањица.
360°: Надлежните велат дека тоа ќе била модерна депонија, ќе вработат луѓе, ќе била затворена, немало да загадува… Верувате ли во тоа?
„Не. Тие сè што кажуваат ако биде така е многу убава работа, но на крајот не излегува така“,
вели друг жител на Немањица.
Веќе имаат лошо искуство со депонии.
„Ја имаме еве овде. Кога ќе дувне северот, надолу лозјата што ги има, ниту се пие ниту се јаде грозјето. Бело е, како пепел да има на него“,
додава жител на Немањица.
Свети Николе веќе си има своја депонија, која се наоѓа токму на патот кон Мечкуевци. Нестандардна, какви што се и многу други во земјава, е само благ опис за ова огромно ѓубриште зафрлено во дол.

Како дел од стратегијата за регионално управување со отпад, државата реши Источниот и Североисточниот плански регион отпадот да го носат на нова регионална депонија што би се изградила во близина на Мечкуевци. Двата региона беа во најнапредна фаза од процесот во споредба со останатите региони во земјава.
Дури почнаа и со формирање меѓуопштинско јавно претпријатие кое ќе треба да стопанисува со идната депонија, но тој процес во меѓувреме беше блокиран. Актуелното раководство на Свети Николе не дозволува регионалната депонија да е на територија на оваа општина. Неколкупати се обидовме да договориме интервју со градоначалникот Дејан Владев, кој е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, за да го прашаме зошто е против, но тој одбиваше. Затоа решивме да го чекаме пред општинската зграда.

360°: Добро утро, г. Владев. Зоран Јованоски од „360 степени“. Да ве прашам, зошто не дозволувате изградба на регионална депонија во вашата општина?
„Немам коментар.“
360°: Ако ви ги одземат ингеренциите, што ќе се случува?
„Немам коментар. Ве молам. Ви кажав убаво,“
одговори градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев.
Одземање на ингеренциите на општината најави Министерството за животна средина и просторно планирање уште пред една година. Така, наместо општината, министерството би предложило уште двајца членови на управниот одбор на идното меѓуопштинско претпријатие чие формирање е услов за да се распише тендер за изградба на депонија.

„Постојат правни лекови за да се реши ова прашање. Најнепопуларното е, секако, одземањето на надлежноста, меѓутоа, земајќи предвид дека се работи за големи финансиски средства кои, ако не ги реализираме заради еден ваков проблем државата ќе треба да ги врати во Европската Унија, нема да го дозволиме тоа. Ако треба ќе одиме и со крајниот правен лек – одземање на ингеренциите“,
вели Каја Шукова – кандидатка за министерка за животна средина и просторно планирање.
Општина Куманово е најголем создавач на отпад во двата региони. Тоа е причината поради која градоначалникот Максим Димитриевски понудил депонијата, наместо во Светиниколско, да се гради на нивна територија и така процесот да се деблокира.

„Ние немаме посочено конкретна локација. Јас како градоначалник само дадов предлог на ресорното министерство и на финансискиот покровител на проектот и веднаш бев одбиен дека тоа не е возможно бидејќи веќе стратегијата е одработена за локација во Општина Свети Николе“,
вели Максим Димитриевски – градоначалник на Општина Куманово.
Дека регионот бил во напредна фаза од процесот се гледа и низ кумановските улици по кои дента кога снимавме не забележавме полн контејнер или канта за отпадоци.
„Инаку, досега многу коректно добивме од страна на ресорното министерство преку грантот осум камиони како општина за трансфер на сметот што веќе ги користиме, околу 1 200 контејнери за собирање на отпадот и дополнителна опрема што ќе следува при имплементација на самиот проект“,
додава тој.
Проблемот не останува незабележан од Европската Унија. Потенциран е во извештајот на Европската комисија за земјава за 2022 година.
„Воведувањето регионален систем за управување со отпад во Североисточниот и Источниот регион дополнително е одложено поради отпорот на Општина Свети Николе да биде домаќин на централниот капацитет за управување со отпад“,
стои во извештај на ЕК за Северна Македонија за 2022 г.
Средствата со кои треба да се среди третирањето на отпадот во овие два региони се обезбедени преку европските ИПА-фондови.
За останатите плански региони во јануари годинава државата доби кредит од 55 милиони евра од Европската банка за обнова и развој и грант од 22 милиони од Европската комисија од инвестициската рамка за Западен Балкан, со кои ќе се врати дел од кредитот.

Со овие пари треба да се воспостави регионален систем на управување со отпад – да се набават контејнери и камиони за собирање и транспорт на отпадот, да се затворат постојните диви депонии, да се воспостават претоварни станици од кои потоа отпадот ќе се носи во заедничка регионална депонија, која би имала можност за рециклирање и преработка и со која би стопанисувало заедничко меѓуопштинско јавно претпријатие. Полошкиот регион би имал своја депонија, Пелагонискиот и Југозападниот – заедничка, како и Југоисточниот и Вардарскиот.
Полошкиот регион со децении мака мачи со ѓубрето. Контејнерите низ Тетово и натаму се преполни, а во Гостивар состојбата е малку подобра.

Тазе асфалтиран пат води до депонијата кај гостиварско Русино, каде што повеќе од 25 години се истовара полошкото ѓубре. За волја на вистината, оваа депонија сега инфраструктурно е во многу подобра состојба од претходно. Има чуварска служба, вага на која се регистрира кој и колку отпад истовара, а опадот постојано се прекрива со земја. Овој напредок е постигнат со труд и средства од швајцарската влада преку агенцијата „СЕКО“. Сепак, и натаму врие од кучиња скитници, а дел од отпадните води течат по околните полиња.

Деветте полошки општини минатата година формирале заедничко јавно претпријатие „Русино-Полог“ кое стопанисува со депонијата, но „во старт“ има финансиски проблеми и веќе е во долгови. За илустрација, наплатата на сметки за комуналии во Полошко е од 20 до 30 отсто.

„За годишно оперирање со депонијата Русино нам ни се потребни од 30 до 35 илјади евра месечно, зависно од месецот. Од овие 35 илјади евра кои ни се потребни на месечно ниво, ние не достигаме ниту 20 илјади евра месечно. Значи, секој месец имаме минус 10 илјади евра“,
вели Бесим Догани – в. д. директор на заедничко јавно претпријатие „Русино-Полог“.
Според експертите што работеле на депонијата, векот на „Русино“ е уште пет години и дотогаш треба да се најде нова локација за изградба на нова модерна регионална депонија. Од Полошкиот плански регион велат дека нова локација треба да најде ресорното министерство и дека тоа ќе биде голем проблем за чие решавање веќе се доцни.

„Секој закон носи некакви ограничувања и само го стеснува кругот и јас навистина не знам каде ќе најдеме локација во регионот. Се надевам дека ова ќе почне ден порано и да видиме најпрво кои се техничките можности, а потоа и правните законски опции за таква локација во регионот“,
смета Фатмир Саити – директор на Центар за развој на Полошки плански регион.
Нестандардната или, народски кажано, дивата депонија во Југоисточниот плански регион се наоѓа на територија на Општина Василево, во близина на селото Добрашинци, кај месноста Шапкар. Освен што имало обиди дел од ѓубрето да се покрие со земја, други поголеми зафати не се направени, а впечатокот е ужасен – 12 хектари планини од сè што завршува како ѓубре.

„Оваа депонија е темпирана еколошка бомба која има предуслови да доведе до загадување и на почвата и на подземните води“,
смета Славе Андонов – градоначалник на Општина Василево.
Идната регионална депонија за Југоисточниот и Вардарскиот регион најверојатно ќе биде изградена во нејзина близина.

„Ние како Општина Василево, јас како градоначалник, сме заинтересирани, сме отворени за реализација на овој проект и мислиме дека ќе биде во интерес на сите граѓани, но најмногу на Југоисточниот регион кој тоне во отпад бидејќи речиси во секое населено место, во секоја општина имаме стотици депонии што ја загадуваат животната средина“,
вели Андонов.
Градоначалникот вели дека локалното население нема проблем со отворање нова современа депонија, но апелира процесот што го води ресорното министерство да биде транспарентен, а граѓаните информирани за сè.
„Тогаш ќе добие инклузивност самиот процес и убеден сум дека ќе ја добиеме и поддршката од граѓаните бидејќи сегашната ситуација со депонијата сигурно е многу полоша од она што би можело да биде со овие средства и со овој проект“,
додава тој.
Југозападниот и Пелагонискиот плански регион, пак, треба да отворат регионална депонија на територија на Општина Новаци, во дел од досегашниот рудник за јаглен Суводол што го експлоатираше РЕК „Битола“.

Членови на општинските совети на Битола и Новаци, како и граѓани од двете општини, во мај минатата година имаа можност да видат како функционира регионалната депонија изградена кај Кожани, Република Грција. Таа опслужува четири префектури и десет општини во овој дел на нашиот јужен сосед. Се работи за современ комплекс во кој од вкупната количина отпад што се собира, 68 отсто се рециклира, а 32 отсто се одлага на депонија. Изградени се и десет претоварни станици или трансфер центри во кои се собира отпадот, а потоа се транспортира до регионалната депонија. Ова е успешен пример на регионален систем за управување со отпад од соседството кон каков се стреми и земјава.
Од Министерството за животна средина велат дека се создадени сите предуслови за конечно да се почне со воспоставување на долгонајавуваниот систем.
„Ќе одиме чекор по чекор. Битно е да почнеме. Жално е што многу години наназад и покрај тоа што го имавме законот, ние не успеавме да ги воспоставиме системите. Првото е ова – исток и североисток, гледаме дека не е едноставен процес, меѓутоа учевме од него. Мислам дека процесот сега со заемот ќе ни биде поедноставен бидејќи видовме кои беа потешкотиите со овие два региони, па полесно ќе ги надминуваме кај другиве пет региони“,
смета Каја Шукова – кандидатка за министерка за животна средина и просторно планирање.
Министертвото најавува дека со парите собрани од продажбата на биоразградливите пластични кеси, откако во 2021 година обичните беа забранети, на општините ќе им набави канти и контејнери за примарна селекција на отпад. Тоа значи дека, покрај институциите кои ќе имаат многу работа за воспоставување на целиот систем за управување со отпад, и граѓаните ќе треба да почнат да ја вршат својата работа – отпадот да го селектираат и фрлаат на соодветно место. На депониите да заврши само вишокот непреработливо ѓубре.