Денеска на седница на Собранието со 65 гласа „за“ беше разрешен досегашниот министер за здравство од редовите на Алтернатива, Беким Сали. За разрешувањето на министрите за информатичко општество и дијаспора, Адмирим Алити и Џемаил Чупи, гласаа 64 пратеника
Со гласање на 65 пратеници во Собранието денеска се потврди зајакнато и зголемено парламентарно мнозинство. За жал, поради кочење и блокади на опозициската ВМРО-ДПМНЕ непотребно се изгубија 10 дена во Собранието. Наместо дебата и аргументи, слушаме навреди од опозицијата, омаловажувања, невистини. Зошто? Само затоа што пропаднаа сите лажни изјави на Христијан Мицкоски дека ќе има ново мнозинство, дека владата само што не паднала, изјави денеска на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски.
„Деструктивната ВМРО-ДПМНЕ е во целосно заложништво на Левица. Без компас, дефицит на идеи и без политика, ВМРО-ДПМНЕ се фрли на блокади, одолговлекувања, по секоја цена. Од тоа одолговлекување граѓаните имаат само штета, немаат никаква корист. Поради ова неразумно однесување на ВМРО-ДПМНЕ, секој ден се трошат по 55 000 евра, пари на граѓаните, среде криза. Ние се воздржуваме, сепак правото за дискусија и за говор е неприкосновено, но се трудиме да не паднеме на ниското ниво на ВМРО-ДПМНЕ. Спремни сме по цели денови во Собранието да ги браниме интересите на граѓаните и да ја сведеме на минимум штетата што ја прави ВМРО-ДПМНЕ. Со завршување на реконструкцијата, обезбедуваме политичка стабилност, зголемена ефикасност на Собранието и побрзо носење на законите“,
рече Костовски.
Денеска на седница на Собранието со 65 гласа „за“ беше разрешен досегашниот министер за здравство од редовите на Алтернатива, Беким Сали. За разрешувањето на министрите за информатичко општество и дијаспора, Адмирим Алити и Џемаил Чупи, гласаа 64 пратеника.
Пратеникот Скендер Реџепи Зејд, како што најави претходно, денеска во Собранието го поддржа разрешувањето на министерот за здравство Беким Сали, но гласаше „против“ разрешувањата на министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи.