Во реакцијата, партијата на Бошњаците на Косово во извесна смисла ги разоткрива мотивите на Софија материјализирани во посетата на Јотова на областа Гора во Косово на 18 февруари, посочувајќи дека годинава треба да се одржи попис на населението на Косово, а овие појави „се обид народот да се измами и збуни“
На посетата на потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, на Косово каде што, како што пренесоа бугарските медиуми, остварила средби со луѓе со бугарска самосвест и идентитет, реагираат од „Наша иницијатива“ – политичка организација, односно партија на Бошњаците во Косово.

Во реакцијата објавена вчера на нивниот фејсбук-профил, „Наша иницијатива“ ги отрфла наводите дека на Косово живеат 15 000 припадници на бугарска национална заедница.
„’Наша иницијатива’ изразува голема загриженост за последните настани на Косово и ненадејната посета на потпретседателката на Република Бугарија, г-ѓа Илијана Јотова, но и на пишувањата на бугарските медиуми. Имено, информациите што наводно се собираат на Косово „укажуваат“ дека има дури 15 000 припадници на бугарската национална заедница, алудирајќи пред сè на Бошњаците и Гораните“,
се наведува во објавата насловена „Важно соопштение за јавноста“.
На овој начин Бугарија, велат од партијата, ја злоупотребува својата позиција како членка на Европската Унија, оценувајќи ги ставовите на Јотова како манипулација со Бошњаците и Гораните во Косово.
Од партијата потсетуваат дека на пописот од 2011 година, Бугари во овие две општини – Призрен и Драгаш воопшто нема или се на ниво на статистичка грешка.
„’Наша иницијатива’ во никој случај не го оспорува правото на нашите граѓани да студираат во Бугарија, но сметаме дека тоа не може и не треба да биде условено со асимилација. Бошњаците и Гораните се уставно признати од нашата татковина Република Косово. Во оваа насока, ние сме силно против тековната „бугаризација“ на бошњачкиот и горанскиот народ во општините Призрен и Драгаш, особено ако се земе предвид фактот дека образованието на босански јазик е најзастапено во овие две општини во Косово. На пописот од 2011 година Бугари во овие две општини или нема или се на ниво на статистичка грешка“,
се наведува во реакцијата.
Во неа тие ги разоткриваат мотивите на Софија материјализирани во посетата на Јотова на областа Гора во Косово на 18 февруари, посочувајќи дека годинава треба да се одржи попис на населението на Косово, а овие појави „се обид народот да се измами и збуни“.
„Особено го изразуваме нашето несогласување затоа што е 2023 е година на попис на Косово, а со овие појави народот се обидува да се измами, збуни, манипулира… Доста со асимилација на Бошњаците, ние не сме Бугари! На крајот, важно е сите да реагираме, да знаат сите кои сè уште не го разбираат тоа. Студирање и соработка – ДА! Асимилација – НЕ! Стоп на асимилацијата и бугаризацијата на Косово, биди тоа што отсекогаш си бил“,
се наведува на крајот од реакцијата на „Наша иницијатива“.
Инаку, средба со претставници на Македонската горанска заедница денеска имаше претседателот Стево Пендаровски, на која се разговарало за активностите за унапредување на животните услови и права на заедницата.
Сепак, средбата во претседателскиот кабинет излегува од рамките на протоколарен настан ако внимателно се чита соопштението од кабинетот на Пендаровски.
„На средбата се разговараше и за тековните предизвици и проблеми со кои се соочува заедницата на Македонци во афирмација на нивниот идентитет, а кои се последица на дејствувањето на странски пропаганди“,
пишува во последниот пасус од соопштението.
Иако не се споменуваат имиња, се чини извесно дека Пендаровски алудира на посетата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова на Косово, каде што таа се сретна со луѓе кои, како што беше презентирано во репортажа на Бугарската национална телевизија (БНТ), се со бугарска самосвест и бугарски идентитет.
Според местата каде што се одвиваше посетата на Јотова, лесно може да се види дека станува збор за областа Гора, односно просторот од косовската страна на Шар Планина па сè до Призрен, територија чиј најголем дел административно припаѓа на косовската општина Драгаш.
Оттаму, приемот на претставниците на горанската заедница од страна на претседателот Пендаровски може да се толкува како одговор на посетата на Јотова на областа каде што живее оваа заедница на Косово.