За ревитализација на хидроелектраните „Вруток“, „Врбен“, „Равен“, „Тиквеш“, „Шпилје“, „Глобочица“, „Козјак“ и „Св. Петка“ се потребни 36,2 милиони евра, а покрај заемот од 25 милиони евра од Кредитната банка за обнова, обезбедени се и 11,2 милиони евра инвестициски грант од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан
Со 89 гласа „за“ пратениците денеска го усвоија Законот за задолжување на државната енергетска компанија АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) кај Кредитната банка за обнова.
Законот предвидува ЕСМ да добие заем во износ од 25 милиони евра согласно кој е предвидена ревитализација на хидроелектраните „Вруток“, „Врбен“, „Равен“, „Тиквеш“, „Шпилје“, „Глобочица“, „Козјак“ и „Св. Петка“. Овие електрани учествуваат со просечно производство од 1 280 гигават-часови, односно со нив се обезбедува 20 отсто од вкупното производство на електрична енергија во државава.

За нивна ревитализација се потребни 36,2 милиони евра, а покрај заемот од 25 милиони евра од Кредитната банка за обнова, обезбедени се и 11,2 милиони евра инвестициски грант од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан.
Рокот на отплата на заемот од Кредитната банка за обнова е 15 години, со вклучен грејс период од пет години. Каматната стапка ќе се утврдува одделно за секоја транша од заемот при нејзино повлекување, а заемот ќе се отплаќа во полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 30 јуни и 30 декември.
Со ревитализацијата на хидроелектраните се очекува да се добие зголемување на инсталираната моќност од минимум 13,5 мегавати и зголемено производство на електрична енергија од околу 47,5 гигават часови годишно, намалени трошоци за одржување, зголемена доверливост и стабилност на системот за снабдување со електрична енергија.
Претходните две фази за ревитализација на хидроелектраните исто така се финансирани со заеми, од Светската банка и од Кредитната банка за обнова.