Според владината одлука, органите на државната управа се должни да определат лице за информациска безбедност кое навреме би ги пријавило евентуалните закани по кибербезбедноста на институцијата. Владата, исто така, наложи сите вработени во државната управа задолжително да завршат обука за кибербезбедност за вработени во јавната администрација
Со цел заштита и превенција од евентуално хакирање на ИТ-системите на институциите во јавниот сектор, Владата на денешната седница донесе сет мерки и препораки за подобрување на безбедноста на овие системи.
Со цел навремено пријавување на евентуални инциденти или закани по безбедноста на информациските системи на институциите, Владата ги задолжи органите на државната управа, а им укажа на останатите институции, да определат лице одговорно за информациска безбедност кое би ги пријавило потенцијалните киберзакани во Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти.
„Органите на државната управа исто така се должни, а на институциите кои не се органи на државна управа им се укажува, да достават одредени информации до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти, како би се регистрирале/ажурирале за услугите на Центарот“,
се наведува во соопштението од Владата.

Владата, исто така, наложи сите вработени во органите на државната управа задолжително да завршат обука за кибербезбедност за вработени во јавната администрација.
„Истовремено, органите на државната управа неопходно е да направат план за реализација и да ги предвидат финансиските импликации на мерките на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти“,
гласи една од донесените сет мерки на Владата.
На Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти, пак, Владата му препорачала до неа да достави извештај за спроведена бесплатна надворешна кибербезбедносна проверка на веб-апликации на пријавените институции.
Владата препорачала овие мерки да се спроведат во најкраток можен рок во секоја институција во јавниот сектор, со цел, како што велат оттаму, да се заштитат системите за услуги кон граѓаните.