По добиеното известување од МВР за конкретниот случај, од скопското обвинителство велат дека надлежен јавен обвинител ќе даде насоки за натамошни дејствија и проверки
Поткаст-интервјуто емитувано на 15 февруари годинава на јутјуб-каналот „Лазаров“, во кое гостува Драган Павловиќ-Латас, освен кај пошироката јавност, реакции предизвика и кај дел од невладините организации
Од „Хелсиншкиот комитет“ порачаа дека конкретното интервју е показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство и до каде може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите наместо насилниците
По лавината негативни реакции кои ја преплавија јавноста во врска со неодамна емитуваното поткаст-интервју на јутуберот Стефан Лазаров со Драган Павловиќ-Латас, секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР), за конкретниот случај денеска доставил известување до Основното јавно обвинителство Скопје.

„МВР поднесе известување до надлежното Јавно обвинителство, во врска со претходно објавено интервју на С.Л. со Д.П.Л., како поткаст на јутјуб-канал. Имено, Известувањето е поднесено по преземени мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, заедно со целокупниот документиран материјал за понатамошно постапување“,
се вели во соопштението на МВР.
Ваквата информација за „360 степени“ ја потврдија и од скопското обвинителство од каде што додаваат дека по добиеното известување од МВР надлежен јавен обвинител ќе даде насоки за натамошни дејствија и проверки.
Поткаст-интервјуто емитувано на 15 февруари годинава на јутјуб-каналот „Лазаров“, во кое гостува Павловиќ-Латас, освен кај пошироката јавност, реакции предизвика и кај дел од невладините организации.
Од „Хелсиншкиот комитет“ вчера порачаа дека конкретното интервју е јавен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство и до каде може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците.
„Неодамна објавеното интервју од јутјуберот Стефан Лазаров каде што неговиот гостин Латас споделува дека тој и неколку другари на 15-годишна возраст злоставувале и силувале девојка е колективен, општествен пораз и реален приказ за тоа како ги третираме жените жртви на насилство. Во видеото, кое веќе има над 50 илјади прегледи, за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно“,
се наведува во објавата на Хелсиншкиот комитет по однос на конкретното интервју во кое гостува Павловиќ-Латас.