„Потрагата и спасувачките напори ќе завршат вечерва“, изјавил шефот на турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), Јунус Сезер
Светската здравствена организација (СЗО) излезе со проценки дека хуманитарна помош е неопходна за 26 милиони луѓе во Турција и Сирија погодени од разорниот земјотрес
Спасувачките напори и потрагите за извлекување на телата на настраданите по катастрофалниот земјотрес што на 6 февруари ја погоди Турција ќе завршат денеска до крајот на денот, соопштија турските власти, пренесува Ројтерс.
„Потрагата и спасувачките напори ќе завршат вечерва“,
изјавил шефот на турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), Јунус Сезер.

Од друга страна, многу семејства чекаат нивните блиски да бидат извлечени од под урнатините за да можат да ги извршат погребните церемонии.
„Извлекувајте ги телата од под тони урнатини. Семејствата чекаат со надеж. Тие сакаат да имаат погребна церемонија. Сакаат гроб“,
рекол операторот на булдожерот Акин Бозкурт додека со неговата машина ги расчистувал урнатините од уништена заграда во градот Кахраманмараш.
Во земјотресот што ги погоди Турција и Сирија, според досегашните информации, животите ги загубија повеќе од 46 000 луѓе, илјадници беа повредени, а голем број сè уште се водат како исчезнати во двете земји. Во потресот се уништени околу 345 000 стана и живеалишта во Турција.
Засега ниту Турција ниту Сирија не соопштија колку точно луѓе се водат како исчезнати.
Во еден од последните напори да се извлечат луѓето од урнатините, 12 дена по земјотресот, екипите за итни случаи вчера со раце почнале да ги чистат остатоците на спасувачката локација во Антакија, пренесува Ројтерс.
Кучињата трагачи и термалните камери откриле знаци на живот од две лица, рекле спасувачите, но веднаш по полноќ, осум часа по операцијата, екипите го прекинале спасувањето.
„Никој не е жив. Мислам дека повеќе не можеме да спасуваме луѓе“,
рекол Муџдат Ердоган, член на АФАД, чија униформа и лице биле покриени со прашина.

Работници од Киргистан се обиделе да спасат петчлено сириско семејство од урнатините на зграда во Антакија во јужна Турција.
Маж и жена и нивното дете биле извлечени живи од под урнатините. Мајката и таткото преживеале, но детето подоцна починало од дехидрација, соопштил спасувачкиот тим.
Светската здравствена организација (СЗО) излезе со проценки дека хуманитарна помош им е неопходна на 26 милиони луѓе во Турција и Сирија погодени од разорниот земјотрес.
Во Сирија, во северозападниот дел на земјата, кој е под контрола на Дамаск, властите не дозволуваат влез во областа, изјавил директорот на Светската програма за храна, Дејвид Бисли.
Според него, ваквата ситуација го кочи нивното работење и вели дека проблемот мора што поскоро да се реши.
„Времето истекува, а ние остануваме без пари. Нашата операција чини околу 50 милиони долари месечно и вклучува само реакција на земјотрес“,
рекол Бисли.
Тој додал дека ако Европа не сака нов бегалски бран, треба да одвои средства за помош.
Повеќе од 46 000 луѓе загинаа во земјотресите што на 6 февруари ги погодија Турција и Сирија, според последните официјални податоци, а бројот на жртвите се очекува дополнително да се зголеми. На југот на Турција се регистрирани повеќе од 40 000 жртви, додека од соседна Сирија има повеќе од 5 800 загинати.