Ердоган рече дека спасувачката работа ќе продолжи се додека не се спаси и последниот човек од под урнатите згради

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави дека катастрофата која и се случи на земјата со разорните земјотреси е „голема како атомска бомба“.
Новите податоци покажуваат дека вкупниот број на загинати во земјотресите во Турција и Сирија се искачи на 41 232. Во Турција, бројот на загинати изнесува 35 418, додека бројот на загинати во Сирија достигна 5 814, според најновите податоци на ОН и Сириската арапска новинска агенција на сирискиот режим.
Ердоган рече дека спасувачката работа ќе продолжи се додека не се спаси и последниот човек од под урнатите згради. Според него, околу 250 000 вработени се на терен во зоните на земјотресот. Спасувачките екипи велат дека од под урнатините се уште се слушаат гласови и тоа една недела по разорниот земјотрес.
„Секоја земја ќе се соочи со проблемите со кои ние се соочивме во случај на таква природна катастрофа“,
рече Ердоган споредувајќи ги земјотресите со атомска бомба.
Тој, исто така, рече дека голем број од над 105 505 луѓе се повредени во земјотресите.
„Експертите ширум светот ги опишуваат двојните земјотреси во Турција како „исклучителен природен феномен“,
рече Ердоган.
Ердоган истакна дека Турција, од следниот месец, ќе започне со изградба на 30 000 домови.
Во Турција расте гневот на луѓето кои сметаат дека лошата градба е причина за уривање на толку многу згради и толку голем број на смртни случаи.
Претседателот Ердоган рече дека урнатите згради ја потсетуваат Владата на потребата од построги градежни прописи.
Се стравува дека бројот на жртвите ќе биде многу поголем. Според процените на Обединетите нации, би можело да се зголеми на 50 000 и повеќе загинати. Станува сѐ помалку веројатно дека спасувачите би можеле да најдат уште преживеани под урнатините.
Но, турските медиуми денеска објавија дека се спасени пет лица и по 200 часови минати под урнатините.