Таа вели дека Москва планира да го направи тоа со платеници од Србија, Црна Гора, Русија и Белорусија кои се воено обучени, а ќе бидат камуфлирани во цивилна облека и ќе го нападнат уставниот поредок на државата

Претседателката на Молдавија, Маја Санду, ја обвини Русија дека планира насилно да го сруши молдавското раководство со помош на саботери кои тврдат дека се антивладини демонстранти.
Ваквите нејзини обвинувања кон Москва доаѓаат во период кога Молдавија се соочува со многубројни антивоени протести чиј организатор е олигархот Илан Шор.
„Со внатрешни сили под контрола на Шор, Москва наводно планира да искористи странци од Србија, Црна Гора, Русија и Белорусија“,
рече Санду.
Според нејзината изјава, планот на Москва вклучува саботери со воено искуство, камуфлирани во цивилна облека, кои би презеле насилни акции и напади на државните институции.
„Криејќи се зад протестите на т.н. опозиција, целта на саботерите би било рушење на уставниот поредок и промена на легитимна власт со нелегитимна“,
вели Санду.
На оваа тема, на самитот на ЕУ украинскиот претседател Володимир Зеленски наводно изјавил дека Киев го пресретнал планот на руските разузнавачки служби за уништување на Молдавија.
Оттука, денеска молдавската претседателка оцени дека е потребно парламентот бргу да ги усвои законите со кои на безбедносните служби и на обвинителите ќе им се овозможи поефикасно да се борат против националната безбедност.
„Обидот на Кремљ да внесе насилство во нашата земја ќе пропадне“,
порача Санду.
За потсетување, пред три дена падна молдавската влада откако премиерката Наталија Гаврилица, која беше прозападно ориентирана, поднесе оставка.