Земјата се соочи со три последователни вета, грчкото вето траеше 10 години, потоа француското вето поради методологијата, се смени методологијата, па следуваше бугарското вето, што не знаеме дали е отстрането или не. Оваа нејаснотија во процесот на евроинтеграции и оваа непредвидливост мислам дека создава фрустрации кај голем дел од граѓаните, што потоа се рефлектираат како одговор во анкети, рече Џелал Незири во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат
Тоа што едвај 49 отсто од граѓаните сметаат дека членство на земјава во ЕУ би било добра работа е „експлозија на револт, особено од македонската заедница“, смета новинарот Џелал Незири, кој заедно со извршниот директор на „Евротинк“, Димитар Николовски, учествуваше во дебата во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат посветена на наодите од неодамна објавеното истражување на јавното мислење Еврометар“.

„Земјата се соочи со три последователни вета, грчкото вето траеше 10 години, потоа француското вето поради методологијата, се смени методологијата, па следуваше бугарското вето, што не знаеме дали е отстрането или не. Оваа нејаснотија во процесот на евроинтеграции и оваа непредвидливост мислам дека создава фрустрации кај голем дел од граѓаните, што потоа се рефлектираат како одговор во анкети“,
рече Незири.
Големиот пад во поддршката за ЕУ-процесот Незири го смета за моментален и резултат, пред сè, на политичкиот контекст во кој се наоѓа земјата.
„Падот е до некаде е оправдан, бидејќи Северна Македонија, ова не е само впечаток кај нас туку и кај колегите од регионот и странство, плати висока цена за овие интеграции, за да влезе на брза лента на интеграција во ЕУ и повторно се соочува со пречки кои доаѓаат од земји членки на ЕУ. Ова ги демотивира луѓето, граѓаните, придонесува за зголемување на евроскептицизмот. За жал, целата оваа ситуација не ги зајакнува партиите кои за столб на политичкото делување ги имаат интеграциите во ЕУ и западната алијанса. Во оваа ситуација ќе имаме зголемување на партиите кои промовираат евроскептицизам или евроскептицизмот е нивна алатка за добивање повеќе гласови. Тоа се случи со Брегзит, партиите против естаблишментот кои организираа кампања за да биде успешно излегувањето од ЕУ. И во други земји на ЕУ има партии што се засноваат на анти-ЕУ расположението на одредени граѓани за потоа политички да го артикулираат“,
анализираше Незири во „360 степени“.
Голем пад на поддршката за евроинтеграциите на државата детектираше истражувањето „Еврометар“ за 2022 година, кое во средата го презентираше Центарот за европски стратегии „Евротинк“.
Во 2022 година дури за 20 процентни поени е намален бројот на граѓани кои сметаат дека членство во ЕУ е добра работа во споредба со 2021 година.

„На прашањето дали испитаниците сметаат дека влезот во ЕУ е добра работа за државата, 49 отсто одговориле потврдно, што претставува најниско ниво од 2014 година наваму и остар пад од 20 процентни поени во однос на 2021 година. Проценката на односот на ЕУ како ’фер, пријателски и коректен‘ изнесува 17 отсто наспроти 30 отсто измерени во 2021, а дека односот на ЕУ е ’нефер, надмен и уценувачки‘ сметаат 65 отсто наспроти 48 отсто измерени во 2021 година“,
соопшти „Евротинк“.