Уцена, пиратерија, ширење расистички и ксенофобични материјали и злоупотреба на лични податоци се кривичните дела за кои засега е осомничен Стаменковски. Од ОЈО Скопје претходно ги повикаа сите останати кои биле жртви на сопственикот на „Доказ“ да се охрабрат и да го пријават

Сопственикот на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, заврши во осумдневен притвор, одлучи судија по претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје.
Стаменковски е осомничен за повеќе кривични дека како уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело, ширење на расистички и ксенофобичен материјал и злоупотреба на личните податоци.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје го бараше притворот од повеќе причини како што се опасност и во иднина ќе ги презема незаконските дејствија, за заштита на жртвите, како и опасност од бегство.
Против Стаменковски има повеќе пријави, меѓу кои од една телевизија дека без одобрение ставал на располагања видеа кои се заштитено аудиовизуелно дело, од свештеници поради ширење омраза и нетрпеливост кон нив преку текстови на својот портал и поттикнување тие да бидат избркани од манастирот, како и од две новинарки.
„Новинарките дека на веб-порталот од почетокот на 2022 година се објавуваат навредливи текстови со нивни фотографии, а чија крајна цел е тие да се заплашат и да се спречат да објавуваат текстови во неделникот во кој работат. Во текот на постапката, жртвите дадоа свои искази пред надлежниот јавен обвинител во кои ги поткрепија своите сомненија дека позадината на објавите на веб порталот е да им се изврши притисок и цензура. Со осуда на таквите објави на веб-порталот во наведениот период излегоа и ОБСЕ и Здружението на новинари. Дополнително, во телефонски разговор со сопругот на една од новинарките осомничениот упатил и директни закани кон неа и нејзиното семејство“,
велат од ОЈО Скопје.
Мета на осомничениот биле и истражители ангажирани во обвинителството. Според сомнежите на ОЈО Скопје, тој преку вибер-комуникација до една истражителка се обидел да дознае информации за истраги за повеќе предмети, вклучително и за тој што се води против него.
„Обидувајќи се да влијае врз постапката против него, од приватната комуникација со истражителката, без согласност искористил и објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во ОЈО Скопје, кои поднесоа кривична пријава за злоупотреба на лични податоци. Истражителката која споделувала податоци со осомничениот веќе не е ангажирана во Истражниот центар на ОЈО Скопје и за неа ќе биде иницирана постапка пред Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР“,
велат од ОЈО Скопје.
Покрај за овие, обвинителството се сомнева дека во досието на Стаменковски може да влезат и други кривични дела. Во вчерашниот претрес во станот каде живеел биле пронајдени документација, електронски уреди кои ќе се вештачат, како и поголема сума пари за кои постои сомнеж дека потекнуваат од кривично дело.
Од ОЈО Скопје претходно ги повикаа сите останати кои биле жртви на сопственикот на „Доказ“ да се охрабрат и да го пријават.
„Со оглед на широкиот круг на потенцијални жртви од активноста на веб порталот на осомничениот во подолг временски период, Основното јавно обвинителство Скопје охрабрува и други евентуални оштетени од вакви кривични дела да ги пријават“,
повикаа од ОЈО Скопје.