Српскиот адвокат и писател истакнува дека ова е голем предизвик за спасувачите кои пристигнуваат во Турција од целиот свет
Српскиот адвокат и писател Виктор Лазиќ во разговор за Н1 Србија ги раскажува своите сведоштва за разорниот земјотрес кој во понеделникот ја погоди Турција. Тој вели дека спасувачите во градот наредиле целосна тишина и дека стотици луѓе што останале без домови слушаат дали има некакви звуци под урнатините.
Лазиќ нагласува дека разорните земјотреси, кои во понеделникот го тресеа југот на Турција, погодија огромен регион, но и покрај тоа, спасувачката операција била добро организирана, особено во урбаните средини.
„Меѓутоа, илјадници села се под снежното невреме и не може да се стигне до нив. Едвај стигнав до Адана, не знаев дали возам по пат или на поле бидејќи сè беше покриено со снег“,
изјави Лазиќ за Н1 Србија.
Српскиот адвокат и писател истакнува дека ова е голем предизвик за спасувачите кои пристигнуваат во Турција од целиот свет. Тој вели дека ова е огромна трагедија од која една држава не може сама да излезе.
„Иако има температурни разлики меѓу крајбрежните и планинските области кои беа погодени од земјотресот, студено е и во Адана. Затоа е тешко да се остане на отворено. Луѓето спијат во автомобили, на улица, има многу шатори. Денеска има трипати повеќе шатори од вчера. Пристигнува хуманитарна помош во вид на храна и други потреби. Во Адана има доволно храна, но проблемот е со помалите градови и села кои моментално се тешко достапни“,
вели Лазиќ.
Лазиќ вели дека стотици илјади бегалци веќе живеат во шатори во Адана.
„Сега замислете ја оваа катастрофа“,
рече тој.
Според него, спасувачите барале целосна тишина во Адана бидејќи слушнале звуци под еден дел од урнатините.
Во Турција денеска заврши поставувањето на речиси 51 000 станбени шатори за оние што останаа без покрив над главата од земјотресот.