Од Агенцијата за млади и спорт особено укажуваат на обраќањето на претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, и индиректно изразуваат сомнеж што тоа се случи во истиот ден со седницата на ДКСК
Од АМС велат оти очекуваат надлежните институции во најкраток можен рок да се произнесат за обвинувањата на ДКСК со цел јавноста да има целосен увид во работата на Агенцијата за млади и спорт, а воедно оттаму најавуваат дека Агенцијата заедно со директорот Мојсовски ќе ги преземе сите правни процеси со цел да се заштити угледот на институцијата
Агенцијата за млади и спорт (АМС) денеска преку писмено соопштение ги отфрли и ги оцени како тенденциозни и целосно неточни информациите на Државната комисија за спречување корупција која во петокот најави дека поради сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер-системот на финансирање фондации и спортски клубови до Јавното обвинителство ќе достави иницијатива за кривично гонење на директорот на АМС, Наумче Мојсовски, и членовите на Централната комисија на АМС.

Истиот ден, односно во петокот минатата недела, во отвореното писмо испратено до вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, Олимпискиот комитет побара разрешување на Мојсовски од раководната позиција на АМС и од членовите на Централната комисија при Агенцијата. Од МОК бараат на нивните позиции да бидат поставени професионалци кои ќе ги применуваат критериумите за доделување на средства на спортските субјекти.
Во денешното соопштение на наводите на Антикорупциска и најавената иницијатива за кривично гонење на директорот на АМС, Агенцијата се обраќа и одговора од позиција на институција, додека името на Мојсовски се наведува само двапати – во цитат што стои на почетокот и при крај на соопштението.
„Мојсовски: Целосно ги отфрлам наводите на ДКСК како неосновани, неточни и инспирирани од лукративни цели на сомнителни спортски институции“,
гласи цитатот на почетокот на соопштението, каде што е наведен директорот на институцијата.
„Сакаме да потенцираме дека и на јавната седница на ДКСК, но и преку тенденциозни соопштенија на одредени спортски институции, инспирирани единствено од лукративни цели, се изнесоа еден куп невистини и погрешно утврдени факти за примената на Законот за спортот и подзаконските акти кои се однесуваат во делот на даночните олеснувања, а се во функција на финансиска поддршка на македонскиот спортски систем“,
се наведува во соопштението објавено на официјалната интернет-страница на АМС.
Оттаму особено укажуваат на обраќањето на претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, и индиректно изразуваат сомнеж во врска со тоа што се случи истиот ден со седницата на ДКСК.
„Тука пред се укажуваме на јавното обраќање, исполнето со грст невистини од страна на претседателот на МОК, г. Даниел Димевски, кој ‘случајно’ коинцидира со денот на одржување на седницата на ДКСК. Имено, господинот Димевски јавно побара разрешување во АМС и итно замрзнување на постапката за доделување на спортски ваучери. Притоа ова е побарано од човекот кој е идејниот творец и креатор на системот на спортски ваучери, човекот кој во 2020 година кумулира две функции – претседател на Централната комисија за доделување спортски ваучери, член на Управниот одбор на МОК, а подоцна и негов претседател, и во исто време човек кој истата таа 2020 година побарува износ од 15 милиони денари за МОК, иако требало како претседател да биде свесен дека таа институција во тој момент не ги исполнува законските услови за регулирана спортска дејност“,
се наведува во соопштението на АМС.
Понатаму од АМС ги објаснуваат целите за донесувањето на мерките за даночни олеснувања во форма на ваучери за спортските субјекти објаснувајќи ја постапката утврдена како што велат првично со измените во Законот за спортот во 2019 година.
„Идејата е поддршка на националните спортски федерации, спортските клубови и индивидуалните спортисти, да биде поставена на цврсти темели кои ќе гарантираат објективност и транспарентност во постапките. За таа цел, се донесоа неколку измени во Законот за спортот во 2019 година (Службен весник бр.98/19 и 244/19) и се донесе Правилникот во кој се наведени поблиските критериуми за користење на средства од даночно ослободување, начинот на бодување и рангирање како и формата и содржината на Барањата за даночно ослободување“,
се вели во соопштението.
Членовите на Централната комисија чие гонење, односно разрешување бараат ДКСК и МОК, се на предлог на Владата велат од Агенцијата за млади и спорт, но оти тие не „доделуваат ваучерите за даночно ослободување како што е посочено од страна на ДКСК, туку се административна комисија која врши само административно – техничка обработка и евалуација на пристигнатите апликации и предлог – листата ја доставува до Советот за спорт (кое е стручно – советодавно тело, согласно член 25 од Законот за спортот).
„Советот за спорт во рок од 5 дена од приемот на предлог-листата на спортски субјекти кои ги исполнуваат критериумите за користење на средства од даночното ослободување, на седница ја утврдува и усвојува предлог ранг – листата. Вака усвоената листа на субјекти Агенцијата за млади и спорт ја објавува на својата веб – страница“,
објаснуваат од Агенцијата за млади и спорт.

Од АМС на крајот наведуваат оти очекуваат надлежните институции во најкраток можен рок ќе се произнесат за обвинувањата на ДКСК со цел јавност да има целосен увид во работата на Агенцијата за млади и спорт.
„Истовремено најавуваме дека Агенцијата за млади и спорт е целосно отворена за соработка со сите надлежни институции и воедно заедно со директорот Мојсовски ќе ги преземеме сите правни процеси со цел да се заштити угледот на институцијата“,
порачуваат од АМС во врска со минатонеделната заклучоци на Државната комисија за спречување корупција и обраќањето на директорот на МОК.
Антикорупциска освен иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење најави дека ќе достави и иницијатива до Владата за утврдување одговорност кај нив, а до Управата за јавни приходи (УЈП) ќе иницира да изврши надзор на сите спортски објекти од аспект на користење на средствата што им се доделени по пат на ваучер-системот во периодот од 2020, 2021 и 2022 година.
„Според анализите на ДКСК, годишно на овој начин се трошат околу една милијарда денари, кои се вложуваат во спортот по разни основи, но АМС нема никаква отчетност како ги доделува и како се трошат овие средства. ДКСК, исто така, смета дека е неопходно да се интервенира и во самиот Закон за спорт, со носење некое ново решение за распределба на средства со почитување на утврдени критериуми, за што веќе се дадени одредени предлози до кабинетот на вицепремиерката за добро владеење и до АМС“,
велат од Антикорупциска.
Според ДКСК, постои сомневање дека претседателот на Агенцијата и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.