Од увидот во списите што го направиле од ДКСК е констатирано дека за дивоградбата до Општината имало барање за утврдување статус на бесправно изграден објект и било констатирано дека ги исполнува условите за легализација. Меѓутоа, антикорупционерите посочуваат дека доколку било постапено во предметот уште во 2018 година, кога реагирале граѓани, ќе можело да се спречи легализација, односно ќе се применеле законските одредби за уривање на градбата
Ганиу, пак, во телефонски разговор со „360 степени“ рече дека засега ќе почека да добие некаков документ или известување од Антикорупциската комисија за да се запознае со предметот и да види за кој објект станува збор, па потоа ќе може да даде и негов коментар

Покрај за директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Научме Мојсовски, Државната изборна комисија за спречување корупција (ДКСК) одлучи да покрене иницијатива до обвинителството за поведување кривична одговорност и против градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, и градежен инспектор поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Според антикорупционерите, тие не постапувале во врска со објект на улицата „Војдан Чернодрински“ кој бил изграден бесправно.
Членот на ДКСК, Владимир Георгиев, појасни дека самото непостапување и неодговарање на дописите на ДКСК е сомнеж дека се знаело за објектот, меѓутоа не се постапувало.
„Барањето од група граѓани, кои се обратиле до Државниот инспекторат за градежништво е крајот на 2018 година. Ние, одговорот со сите ургенции го добивме три години подоцна“,
изјави Георгиев.
Предметот е доставен од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, по пријава до нив од граѓани против непознат инвеститор за сторено дело – бесправно градење објект.
Државниот инспекторат ја доставил претставката до овластениот градежен инспектор во Општината Чаир, а од градоначалникот било побарано да ги преземе сите со закон предвидени дејствија.
„Бидејќи не бил добиен одговор од општината, Државниот инспекторат поднел ургенција, на која повторно не добил одговор. Поради наведеното, Државниот инспекторат се обраќа до ДКСК и изразува сомневање дека Општината не поседува документи и станува збор за дивоградба, поради што се бара од ДКСК итно да се побара одговорност од вклучените лица“,
појасни Георгиев.
Од ДКСК се обратиле до Општина Чаир, но посочија дека не добиле одговор, иако упатиле и ургенција. По третата ургенција до ДКСК пристигнал одговор, при што по увид во списите е констатирано дека за објектот имало барање за утврдување статус на бесправно изграден објект и констатирано било дека објектот ги исполнува условите за легализација.
„Имаме непостапување по барања на Државен градежен инспекторат. Исто така, и на нашите две претходни барања и ургенции не беше доставен одговор. Сето ова упатува на сомневање за неизвршување на својата службена должност на градоначалникот и овластениот градежен инспектор во општината“,
изјави Георгиев.
ДКСК посочува дека доколку било постапено по барањата на Државниот градежен инспекторат и Антикорупциска во периодот од крајот на 2018 година до крајот на 2021 година, би можело да биде спречено и да бидат применети одредбите за уривање на градбата и други мерки предвидени во законот, а кои се во надлежност на Општината.
Градоначалникот Ганиу, пак, во телефонски разговор со „360 степени“ рече дека за иницијативата од ДКСК го знае само тоа што се објавило во медиумите и засега ќе почека да добие некаков документ или известување од Антикорупциската комисија за да се запознае со предметот и да види за кој објект станува збор, па потоа ќе може да даде и негов коментар.