Ова вечерва во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма го изјави лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој најави дека за неколку дена, најверојатно следната недела, конечно ќе се знае дали партијата ќе биде дел од владејачкото мнозинство или не
Алијанса за Албанците (АА) би поддржала и малцинска влада, но е подготвена и да преземе одговорности и евентуално да раководи со институции. Ова вечерва во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма го изјави лидерот на партијата Арбен Таравари, кој најави дека за неколку дена, најверојатно следната недела, конечно ќе се знае дали Алијанса за Албанците ќе биде дел од владејачкото мнозинство или не.

Тој посочи оти би поддржале и малцинска влада без да добијат министерско или директорско место и да бидат „бекап“ на Владата да обезбедат кворум во Собранието, а Владата да се обиде да обезбеди 80 пратеници за уставни измени.
„И ова сме го понудиле и јавно го кажувам, меѓутоа подготвени сме да земеме и одредени одговорности и евентуално да раководиме одредени институции“,
рече Таравари.
„Свесни дека ова доближување со власта, односно сите партии што се дел од Владата, подразбира наш обид за акцелерирање да се стигне до 80 пратеници и ништо повеќе. Ние го кажавме ова и на почеток од разговорите со партиите од власта дека тука сме и од опозиција да изгласаме“,
додаде лидерот на Алијанса за Албанците.
Осврнувајќи се на средбата со премиерот Димитар Ковачевски од пред два дена, Таравари повтори дека воопшто не се разговарало за кадровските прашања, туку за програмските, за кои, по состанокот во вторникот, Таравари изјави дека се усгласени околу 90 отсто.
Коментирајќи ги секојдневните појавувања на опозициската ВМРО-ДПМНЕ против него и неговата партија, Таравари вели оти изгледаат хистерично.
„Тие се однесуваат како Алијанса за Албанците да мора да остане во опозиција, дека ние сме фатени, дека некако нè притискаат, дека мора да влеземе, а не сакаме. Ние со ова сакаме да испратиме порака и до ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ од една страна останува со Левица и веќе се, да речам, за жал, стигматизирани некако дека едноставно го кочат процесот поради нејасна работа. Од друга страна, пак, не мислат дека ако Македонија не ги започне преговорите до крајот на годината, тоа е уште потрагично за државата, па и за луѓето“,
смета Таравари.
Со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, пак, Таравари вели дека имаат релативно добра комуникација и дека се сретнале два пати. Додаде дека нивната намера не е некој да излезе од Владата, туку и АА да даде свој придонес или од надвор или однатре.