Добрососедските односи се во интерес на сите. Видовме контакти на ниво на премиери, министри за надворешни работи и за внатрешни работи. Тоа е духот кој треба да се негува во ова одбележување, вели евроамбасадорот Гир
Околу уставните промени, Гир е дециден дека нема промена на суштинската природа на Уставот. „Не се допира во идентитетот на земјата или нејзините суштински интереси. Оваа земја веќе има добри резултати на меѓуетнички односи. Овие промени се промени кои може да се спроведат, кои треба да се анализираат на објективен начин, треба да се повлечеме малку и да ги видиме“, додава тој

Се надевам и секако очекувам дека ова ќе биде можност за двете земји да ја одбележат годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, можност за дијалог и зголемено меѓусебно разбирање и почит, смета амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир.
Тој во вечерашното гостување во „Топ тема“ на ТВ Телма, околу најавите за тоа дали ќе има тензии, инциденти и несакани случувања на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, рече дека ова биле тешки неколку недели, но дури и во тој период, значајно е дека имало постојани контакти меѓу Северна Македонија и Бугарија.
„Добрососедските односи се во интерес на сите. Видовме контакти на ниво на премиери, министри за надворешни работи и за внатрешни работи. Тоа е духот кој треба да се негува во ова одбележување“,
рече Гир.
Според него, во интерес на сите, па и во интерес на граѓаните е Северна Македонија и Бугарија да продолжат да градат добрососедски односи и да работат заедно на ова.
„Ние ги следевме неодамнешните настани. Го осудивме инцидентот во Охрид, како и тукашните власти, и тие го осудија. Сега е во тек истрага на правосудните органи и очекуваме истрагата да заврши за одредено време. Но, тоа што е потребно е да биде направено во меѓувреме е заеднички да се работи на меѓусебното разбирање и взаемната почит во интерес на сите страни и во интерес на двете држави“,
додаде Гир.
На прашањето дали со оглед на состојбата се можни уставни промени во вакви услови, Гир рече дека промената на Уставот, како прво е суверена одлука која треба да ја донесе оваа земја.
„Слушаме многу различни гласови и тоа е на увид на јавноста. Мислам дека е важно да се повлечеме еден миг и да се запрашаме што е всушност оваа уставна измена или што значи во пракса. Во реалноста, тоа значи да се вклучи во Уставот, референца на поединците, граѓани на државата кои се идентификуваат како Бугари. Тоа е суштината. Нема промена на суштинската природа на Уставот. Не се допира во идентитетот на земјата или нејзините суштински интереси. Оваа земја веќе има добри резултати на меѓуетнички односи. Овие промени се промени кои може да се спроведат, кои треба да се анализираат на објективен начин, треба да се повлечеме малку и да ги видиме“,
нагласи Гир.
Според него најважно е да се спроведе дебата, која ќе земе предвид за што точно се работи.
„И да се обидеме да се тргнеме на страна од некаква повисока реторика која не ни помага да видиме за што станува збор. Разговаравме со сите. Разговараме со сите и подготвени сме да разговараме со сите. За да објасниме како ние гледаме на тоа, но на крајот на денот тоа е одлука која оваа земја треба да ја донесе“
потенцира евроамбасадорот.
За можното руско влијание во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, Гир вели дека нема пристап до конкретни разузнавачки податоци или информации од прва рака за ова прашање.
„Тоа што можам да го кажам е дека како прво, треба само да ја земеме предвид руската страотна војна против Украина, за да видиме колку многу дезинформации и лажни вести се шират во регионот, како и тука. Некои канали едноставно ги објавуваат без да изразат сомневање. Знаеме и поопшто дека Русија има дестабилизирачка улога општо во регионот. Треба да бидеме многу будни и свесни за можното руско мешање. За жал“,
рече Гир.
Амбасадорот Гир вели дека сите земји кои сакаат да се придружат на ЕУ, треба да ги применуваат стандардите за човекови права.
„Човековите права се дел од тоа што го нарекуваме „темелни вредности“. Тоа значи дека во секоја етапа од пристапниот процес, човековите права се во центарот на вниманието. Тоа е всушност добра работа, затоа што тоа значи дека земјата кандидат која ќе стане дел од Европската Унија, тоа ќе го направи со добри резултати на почитување на човековите права и ќе може да придонесе кон тоа што во суштина е заедница на демократии. Очекуваме од сите земји кои сакаат да ни се придружат, како и сите земји членки на ЕУ да ги применат стандардите за човекови права. Тоа се очекувањата. Но, набљудувањето и следењето одблиску првенствено е надлежност на Советот на Европа“,
рече Гир.