За земјоделците кои имаат неодложни сезонски активности како оние кои одгледуваат раноградинарски култури, нема да важи полицискиот час за време на викенди кој почнува од 16 часот и трае до 5 часот, одлучи Владата на денешната седница.
Дополнително, и другите земјоделски работници, фармери и сточари ќе можат да се пријават за добивање дозволи за движење, преку подрачните единици на Министерството за земјоделство.
На истата седница, Владата донесе Уредба со законска сила и за примена на Законот за земјоделско земјиште.
„Согласно оваа Уредба, роковите кои се определени согласно Законот за земјоделското земјиште за донесување на одлука по отпочнати постапки со прибирање на понуди кои истекуваат за време на траење на вонредната состојба, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и почнуваат одново да течат по истекот на траењето на вонредната состојба.
стои во соопштението на Владата.
Од таму посочуваат дека по истекот на траењето на вонредната состојба изборот на најповолен понудувач во отпочнатите постапки со прибирање на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари, ќе се врши согласно Правилникот за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделското земјиште кое може да се даде во закуп.