Одговарајќи на новинарско прашање, дали е точно дека членови на партијата деновиве биле повикувани на информативни разговори, Мицкоски нагласи дека има таква информација, но не сака да создава паника
Граѓаните на 4 февруари да не подлегнуваат на провокации и мирно, чесно и достоинствено да го чествуваат великанот Гоце Делчев, повика денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по повод одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер.
„Ја користам оваа можност да ги повикам граѓаните во Македонија да не подлегнуваат на провокациите коишто секојдневно се присутни и кои имаат само една цел и тие одат во полза само на една структура, а тоа е на владата на ДУИ поддржана од СДСМ и на нашиот источен сосед. Ниту една провокација на која ќе потпадне кој било граѓанин не оди во полза на македонскиот народ и на Македонија како држава. Затоа ги повикувам сите на тој ден достоинствено да се поклониме во црквата ‘Св. Спас’ во Скопје за да можеме да покажеме дека на овој народ местото му е онаму каде што одамна треба да биде, а тоа е во Европа. А не да се враќаме наназад и да не дозволиме оние корумпирани полициски структури кои имаат обид да го разединат македонскиот народ, да успеат во тоа“,
нагласи Мицкоски при посетата на Општина Карбинци.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали е точно дека членови на партијата деновиве биле повикувани на информативни разговори, Мицкоски нагласи дека има таква информација, но не сака да создава паника.
„Па, имам такви информации но сега за сега не би сакал и не треба да создаваме паника. Ние сме навикнати, пет години живееме под политички терор на владата на СДСМ и ДУИ, едноставно отпорни сме на сето тоа, повикувани се и ќе бидат повикувани сè до моментот додека оваа влада не замине, потоа тие коишто ја злоупотребуваат таа позиција ќе треба да дадат одговори на многу прашања“,
истакна Мицкоски.
Во однос на прашањето дали на 4 февруари очекува каква било случка која би ја нарушила безбедносната состојба во државата, Мицкоски истакна дека тоа би било само на грев на Владата и МВР.
„Каква било случка која би ја нарушила безбедносната состојба ќе биде само на грев на Владата и МВР, бидејќи ако МВР ги слуша сите овие апели што ние ги упатуваме и добро се организира и не сака да дојде до таква случка, верувајте, нема да дојде. Но, доколку Спасовски и луѓето околу него сакаат да дојде до таква случка, ќе дојде. Така што единствен виновник ќе бидат тие“,
нагласи Мицкоски.