Околу 114 граѓани беа затекнати во Дебар кога пред две недели Владата прогласи кризна состојба на тоа подрачје. Овие лица денеска ќе може да го напуштат градот, односно Дебарски бањи-Цапа каде што и престојуваа изминатиов период.
Како што информираше градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, кој во исто време раководи и со Општинскиот оперативен штаб, затекнатите граѓани си заминуваат веднаш, додека странските ќе ја напуштат земјата според предвиден протокол.
Во хотелот во Бањиште беа сместени 114 лица од неколку града на земјава, пред сè од подрачјето на Река, Општина Маврово и Ростуше, како и од Косово, Србија, Бугарија и Шведска.
Дука информираше и за безбедносната состојба, која ја оцени како добра, додавајќи дека не се регистрирани никакви прекршувања.
Во Општина Дебар до денес со коронавирус дијагностицирани се 43 лица (две починати), додека 208 лица се во домашна изолација, кои, според Дука, постојано се посетуваат од припадниците на МВР, со цел да се контролира колку ја почитуваат мерката да не излегуваат од нивните домови.
Упати апел до граѓаните да не создаваат турканици во маркетите, како и пред објектите каде се дели хуманитарна помош, задолжително да одржуваат социјална дистанца и да носат заштитни средства, маска и ракавици.
Информираше и за донацијата на компанијата „Кнауф“ за дебарското јавно комунално претпријатие „Стандард“, која се состои од 30 комплети ХТЗ-опрема, односно чизми, ракавици, маски и ПВЦ-облека.
Тој искажа длабоко сочувство до семејството на вчера починатата пациентка, 66-годишната жителка од селото Баланци, Општина Центар Жупа, која заедно со нејзиниот сопруг беа првозаразените со овој опасен вирус. Болеста им беше дијагностицирана по враќањето од Бреша, Италија.