Повеќе од три години Министерството за образование не набавува учебници по странски јазик, насоките до наставниците се – да користат интернет
Заедно со Педагошка служба, како одговорен дел во МОН, подготвен е начинот, правилникот за повик за учебник за странски јазици. За брзо време ќе се објави и тој повик и очекувам наредна година да се реши конечно проблемот со учебници за странски јазици, односно за англиски јазик, изјави министерот за образование Јетон Шаќири
Помина една година од изборот на актуелната влада и речиси исто толку време откако новиот министер за образование вети учебници по сите предмети.
„За тие предмети што нема, ние ќе распишеме повик за да се пријават наставници, професори кои ќе донесат ракописи за тие учебници“
кажа министерот за обраозвание Јетон Шаќири на 18.02.2022.
Со доцнење од цело полугодие, дел од ветените учебници го најдоа патот до учениците. Останатите ги нема и во второто полугодие.

Деветтодделенците во скопското основно училиште „Петар Здравковски-Пенко“, но и сите нивни врсници веќе трета година го изучуваат англискиот јазик без одобрен учебник.
„Јас и моите колешки си одиме по програмата и користиме веб-страници, имаме смарт-табла и така се снаоѓаме. Инаку, тоа е проблем за англиски јазик бидејќи се учи од прво одделение, и од прво до деветто чекаме книги“
вели Марија Илиеска, наставничка по англиски јазик во ООУ „Петар Здравковски – Пенко“.
И додека во некои одделенија или училишта не се користи учебник бидејќи го нема, во други одделенија или училишта се користат стари учебници – оние чие одобрение е одамна поминато.

Постари се од пет години, подискинати се и нема за секое дете во класот, но се подобри од никакви, вели Илиеска.
„’Месиџис’ од Кембриџ прес од постарите учебници, но тие се сепак во склоп на програмата. Ако има нешто што не ни одговара, не го користиме, само тоа што ни одговара го користиме како помагало“,
вели Илиеска.

Тие стари учебници, ем не се одобрени за користење, ем не соодветствуваат во целост со новите наставни програми. А по новите наставни програми се уште нема учебник по англиски јазик. Ниту е изработен нов, домашен, ниту пак се одобрени странски учебници што беше пракса до скоро. Веќе три години Министерството за образование не набавува странски книги преку домашни издавачи. Па, без учебници, насоките од надлежните се наставниците да користат интернет.
„Материјалите што се наоѓаат на интернет не се со онаков квалитет какви што се авторски учебници издадени од издавачи или учебници кои поминале низ сите фази на изработка. Не можете вие да споредите материјал на интернет со еден учебник кој поминал низ пилот фази, кој е тестиран, валидаризиран итн.“
потенцира Мирослава Павлова-Аневска, претседателка на Здружението на наставници по англиски јазик ЕЛТАМ.
Претседателката на Здружението на наставници по англиски јазик вели дека оценката на материјалот од интернет дали е соодветен или не, дали има грешки или не, одзема многу време.
„Се трудиме колку што е можно најдобро да ја реализираме програмата, меѓутоа, сепак, технички е тоа многу тешко изводливо, заради тоа што, знаете дека не сите училишта се подеднакво опремени и со техничка опрема“,
вели Павлова-Аневска.

Таа од името на Здружението алармира дека проблемот со недостиг на учебници трае предолго.
„Учениците кои започнаа шесто одделение 2020/21, в година ќе го завршат основното образование и тоа во оној дел од шесто до деветто оддление ќе немаат учебник видено по англиски јазик, еве конкретно така да кажеме“,
додава претседателката на ЕЛТАМ.
Каде заглавија учебниците по странски јазици и зошто повеќе од три години не се објавува оглас? И покрај неколкуте обиди, не добивме детални одговори или шанса во интервју да ги поставиме прашањата – зошто нема учебници онаму каде веќе има нови наставни програми или кога ќе се објават нови повици ако се знае дека новата школска година почнува за осум месеци.

Чекавме јавен настап на министерот за образование, Јетон Шаќири, за да ги поставиме прашањата. Вообичаено за такви прилики, тој не навлезе во многу детали и најави учебници за „брзо време“.
„Заедно со педагошката служба, како одговорен дел во МОН, подготвен е начинот, правилникот за повик за учебник за странски јазици. За брзо време ќе се објави и тој повик и очекувам наредна година да се реши конечно проблемот со учебници за странски јазици, односно за англиски јазик“,
изјави министерот за образование и наука , Јетон Шаќири.

А како ќе се спречи повторно можно поништување на повикот и застој во изборот и испораката на учебници, за Шаќири решението ќе се бара во новиот закон за учебници.
„Сите проблеми коишто ги видовме во овој процес на подготовка на учебници ќе бидат вклучени во новиот закон. Но, исто така, ние повикавме секој што може да даде придонес во тој нов закон, ќе биде отворен за цел овој процес, и за странски јазици ќе видиме, да имаме подобра, поефикасна, поевтина и поквалитетна постапка во изборот на учебници за странски јазик“,
рече Шаќири.
Што точно ќе се менува во Законот за учебници за да се спречат неквалитетни учебници, но и задоцнета дистрибуција, министерот не образложи. На поканата во дебатата да се вклучат сите што можат да дадат придонес, секако ќе се одзват од Здружението на наставници по англиски јазик – ЕЛТАМ. За нив исклучително важно е да се врати одредбата според која Министерството за образование одобрува повеќе учебници по еден наставен предмет, па наставниците, односно училиштата, сами да бираат кој е најсоодветниот за потребите на нивните ученици.
„Учениците во различни средини имаат различни потребни. Во одредени средини, учениците се повеќе изложени на јазикот, одат почесто на курсеви, во други помалку се изложени на јазикот и поретко посетуват приватни училишта и во тој случај, наставниците веројатно би избрале различно тежинско ниво на учебник и тогаш, во тој период, учебниците и така беа одобрени – по три учебници од различно тежинско ниво за едно одделение“,
вели Павлова-Аневска.
Во актуелниот закон за учебници, во членот 5, е предвидено дека за еден наставен предмет за употреба се одобрува само еден учебник.

На прашањето дали овие сугестии кои наставниците ги нотираат неколку години наназад, ќе се земат в предвид, министерот Шаќири вели рано е да се каже.
„Во моменти сме на разгледување, тоа не можам да ви го кажам сега, но ќе се земат подобрите примери од сите земји во регионот и пошироко во новиот закон за учебници во основно и средно образование“,
вели Шаќири.
Од земјите во регионот, во Србија постои каталог на учебници одобрени од министерството. Секое училиште преку наставничкиот совет избира учебник за што го известува и Советот на родители. Ако училиштето не избере, тогаш министерството пред истекот на рокот, ќе избере учебници кои се најзастапени на територијата на општината каде се наоѓа училиштето. Слично е и во Хрватска каде постојат и дигитални и печатени учебници. Одобрените учебници исто се објавуваат во каталог, а наставниците бираат кои ќе ги користат за одделенска и предметна настава.
Сугестии за новиот Законот за учебници може да се достават до крајот на февруари, вели министерот. Дали ќе се чека новиот закон или во меѓувреме ќе се напишат новите наставни програми и ќе се објават повици за избор на учебници по странски јазик се уште не е познато.
Засега останува само уште едно министерско ветување дека од идната година учениците ќе комплетираат полни ранци, со сите учебници на број.