Мнозинство од граѓаните – 56,8 отсто се песимисти и во поглед на очекувањата за оваа година и сметаат дека инфлацијата и трошоците за живот ќе пораснат, додека четвртина се на ставот дека ќе бидат приближно исти како и сегашните. Само 9,5 отсто очекуваат намалување.
Мнозинство граѓани во С Македонија или 60,7 отсто сметаат дека државата не е подготвена да се справи со економската криза и инфлацијата, додека пак подготвеност гледаат 32,4 отсто, покажува анкетата која ја направи Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС) за потребите на емисија „Детектор“ на Сител ТВ.
Кога станува збор за мерките кои Владата ги воведе за справување со последиците од економската криза и инфлацијата, 62,7 отсто од испитаниците сметаат дека мерките не даваат резултати, додека пак 28,5 отсто од анкетираните мислат дека тие даваат позитивен ефект. Најнезадоволни од владините мерки се луѓето од Пелагонискиот регион каде 69 отсто од граѓаните се изјасниле како незадоволни.
Висок е и бројот на граѓани кои се песимисти во поглед на очекувањата за оваа година, односно 56,8 отсто од нив сметаат дека инфлацијата и трошоците за живот ќе пораснат, додека пак една четвртина од испитаниците се на ставот дека тие ќе останат исти.

Најголемиот дел од граѓаните очекуваат економската криза да трае повеќе години. Ваков став делат 31,8 отсто од анкетираните. Крај на кризата со крајот на оваа година очекуваат 23,8 отсто од анкетираните додека 17,7 отсто сметаат дека економската криза ќе заврши за две години.

Најголем дел од граѓаните сметаат дека власта имала најголемо влијание и одговорност за актуелната економска криза. На скалата од 1 до 5, 44 отсто од граѓаните и дале „петка“ на Владата за степенот на одговорност за кризата, најмала средна оценка за своето влијание врз кризата има опозицијата. На скала од 1 до 5 граѓаните ја оцениле со 3,13.
За тоа кој е виновен за економската криза во земјава дури 44,30 отсто одговориле дека власта е одговорна за ситуацијата, 33,2 отсто со највисок степен на одговорност за кризата ја оцениле војната во Украина, а 29 отсто други надворешни фактори.

Најмало влијание врз кризата, според граѓаните, имале корона пандемијата и опозицијата.
“На скалата од 1 до 5 највисока средна оценка како највисок степен на одговорност за актуелната економска криза добила власта. Само, 8,2 отсто сметаат дека политиките на власта не влијаеле врз економската криза. Со средна оценка од 3,9 граѓаните сметаат дека други надворешни фактори имале големо влијание врз кризата”,
се вели во истражувањето.

Владата вели дека во втората половина на оваа година ќе имаме стабилизација и економиите ќе продолжат да растат, ВМРО-ДПМНЕ смета дека проблемите со кризата во најголема мера се резултат на тоа што го кажуваат анкетите, односно дека виновна е власта
Заменик-министерот за финансии, Филип Николовски, вели дека во моментот имаме најниска стапка на невработеност во историјата на Македонија – 14,3 проценти, а таа стапка продолжува да паѓа и покрај кризата која го зафати целиот свет.
„Седум квартали по ред Бруто домашниот производ на Северна Македонија расте и ќе продолжи да расте иако сме во период на светска економска криза“,
рече Николовски.

Заменик-министерот истакна дека само во Техонолошко-индустриско развојните зони во земајва во 2022 година креирани се дополнителни 2300 работни места
„Извозот од ТИРЗ е над 3,7 милијарди евра. Таму работат над 16 илјади луѓе и само минатата година имаше над 400 милиони евра инвестиции во ТИРЗ“,
вели Николовски.
Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска, пак, смета дека власта направила многу грешки и обвини дека ништо не се презема за надминување на кризата. Таа вели дека С Македонија нема некоја голема трговска размена со Украина и Русија за разлика од некои други европски држави, па затоа вели последиците се многу помали за разлика од остатокот во Европа.
“Македонија нема некоја кој знае каква трговска размена со овие две земји кои што војуваат, што значи дека ефектите се индиректни. Да ги погледнеме европските земји тие имаат и таму е големо влијанието, а последиците се многу помали во однос на тоа што се случува кај нас, што не води до заклучок дека нешто кај нас не е во ред со мерките или преземањето активности”,
вели Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска рече дека само за 2022 година владата кон ЕСМ исплатила 230 милиони евра, прашувајќи го заменик министерот за финансии во која ставка од буџетот стои дека се исплатени 760 милиони евра како помош за граѓаните и стопанството, додавајќи дека во континуитет влада маниплира со бројките.