Ахмети очекува уставните измени да се направат за два-три месеци, но, како што нагласи, тие мора да се случат оти се во интерес не само за Албанците, туку за сите граѓани на оваа држава. Уште една работа, која според лидерот на ДУИ е неопходна, е ветингот
За отворање на патот кон Европската Унија мора да се направат уставните измени, истакна лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од средбата во Тетово со претставници на бизнис секторот, граѓанскиот и образовниот сектор, како и интелектуалци, во рамки на активностите под мотото „Заедно за Европа“.

Ахмети очекува уставните измени да се направат за два-три месеци, но, како што нагласи, тие мора да се случат оти се во интерес не само за Албанците, туку за сите граѓани на оваа држава.
„Уставните измени отвораат можност за успешен почеток за отворањето на преговорите и првото поглавје за членство во ЕУ. И овој ден не е далеку бидејќи во ноември ќе се одржи средбата на двете влади – таа на Европа и нашата земја. Но, уставните измени мора да се направат бидејќи тоа е задолжителен респектабилен договор. Ова ќе се случи за два-три месеци, но мора да се случи, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните на оваа држава. Тоа е заедничка мисија на сите нас бидејќи доброто што ќе дојде нема да дојде само за Албанците туку за сите граѓани“,
рече Ахмети.
Уште една работа, која според лидерот на ДУИ е неопходна, е ветингот.
„Мора да направиме ветинг, почнувајќи од политичарите, извршната власт, градоначалниците бидејќи тоа е за доброто на државата. Оваа проверка треба да ја направат странски специјалисти, бидејќи кредибилитетот може да се оспори. Потребно ни е проверено судство и политичар за да се има доверба во развојот на процесот“,
рече Ахмети.
За една земја, посочи Ахмети, е важно да тргне по патот на случувањата и политичките процеси, стабилноста и безбедноста, во кои, според него, многу било вложено од почетокот на 2002 до 2010 година.
„Кои беа параметрите што требаше да се имплементираат за да се има трајна безбедност и стабилност? Тоа беше Охридскиот рамковен договор. Без негова имплементација и довршување сигурно ќе недостигаше безбедноста или ќе беше повредена стабилноста. Но, за безбедност и стабилност мораше да се затвори проблемот со грчката страна. Решението на овој проблем ја направи земјата членка на НАТО“,
рече Ахмети, додавајќи оти со влегувањето во Алијансата и со членството во ЕУ ќе се зголемат и странските инвестиции.