Ова е процес што секоја држава го поминува еднаш и завршува со членство во ЕУ, па сите партии имаат одговорност во градење консензус за влегување во Унијата, вели Димитар Ковачевски
Сметам дека на нашата држава ѝ треба окрупнување и здружување на сите прогресивни сили кои се за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, но не можам да кажам дали сум „за“ или „против“ бидејќи тоа е одлука на телата на партиите, рече премиерот Димитар Ковачевски во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, прашан за евентуална предизборна коалиција на сите партии од актуелното владино мнозинство проширена со Алијанса за Албанците, па и други партии.

Ковачевски вели дека постојат два концепта – едниот за европска Македонија и другиот за изолација на државата.
„Нашите граѓани, сегашни и идни генерации заслужуваат да живеат во земја членка на Европска Унија, меѓутоа тука дома, а не во некоја земја во туѓина затоа што нашите граѓани заслужуваат да имаат европски плати. Постојат низа објаснувања и причини зошто ни е потребно зачленувањето во ЕУ. Ние треба да носиме одлуки баш заради иднината на сегашните и идните генерации. Од другата страна, имаме концепт кој е за изолација, а го предводи политичката партија Левица, која со својата популистичка и потпалувачка реторика единствено нешто што прави е изолација на државата од европските текови, дури заговараат и некаква азиска унија за државата“,
вели Ковачевски.
Според премиерот, како резултат на немањето став, ВМРО-ДПМНЕ се заложници на ставовите на Левица и во крајниот десен спектар на политичкото делување секој ден се натпреваруваат со нив.
„Мене вчера ме зачуди изјавата на Мицкоски во делот во кој кажува како бил доброволец и победувал во војна што значи дека тој уште малку ќе почне да се натпреварува колку луѓе убил во некаков воен конфликт. Од друга страна, СДСМ има предложено Албанец за потпретседател на Влада кој е потпретседател и на нашата политичка партија“,
кажа Ковачевски.

Кога станува збор за процесот на уставни измени, Ковачевски вели дека тие се регулирани согласно законска и уставна процедура и дека најпрво треба да се напишат амандманите.
„За тоа се потребни експерти, тие ќе бидат ангажирани во текот на наредниот период за да ги напишат амандманите во однос на вметнувањето на други граѓани кои се самоопределуваат различно од оние што веќе се запишани во Уставот, односно Хрватите, Црногорците, Бугарите, меѓутоа интерес изразија и тоа е добро според мене и Евреите, Торбешите и Египќаните кои се дел тука од нас“,
вели премиерот.
Ковачевски изјави дека влегувањето на оваа тема во Собранието зависи од поддршката од сите политички партии бидејќи ова не е процес на европска интеграција на еден човек, една партија или една влада.
„Ова е процес што секоја држава го поминува еднаш и завршува со членство во ЕУ и сите партии имаат одговорност во градење консензус за влегување во Унијата“,
кажа Ковачевски.
Тој рече дека не сака да прејудицира дали мандатот на ова Собрание ќе заврши без гласање на уставните измени, но вели дека останува рационален оптимисти кој верува во остварување на целта.