И дополнителната заменик-министерка за финансии од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриевска-Кочоска, стави потпис на писмата со кои земјава бара да се задолжи со околу 600 милиони евра за да покрие дел од буџетската дупка што се отвора поради застојот во економијата предизвикан од коронависурот.
Станува збор за три задолжувања. Најголемото е заем на меѓународниот финансиски пазар кај комерцијалните банки од 400 милиони евра. Останатите се околу 100 милиони евра од Светска банка и 87 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ)
Димитриевска-Кочоска во вечерашното гостување во емисијата Топ Тема на ТВ Телма рече дека ставила потпис на барањата и оти се очекува до крајот на месецот да се добијат понудите од банките.
„Во саботата ставив потпис на писмата што се пуштија до ММФ и Светска банка, како и до комерцијалните банки. Целта беше да се обезбедат дополнителни средства со цел да ја надминеме оваа криза. Согласно она што е наведно во писмата се бара, пред сè, комерцијалните банки своите понуди да ги достават до крајот на март по што ќе следи евалуација од страна на вработените во секторот за јавен долг при Микнистерството за финансии, по што ќе треба да се потпише договор. Ќе се потпишува договор согласно англиското право, па поради тоа дополнително ќе се ангажира, и во писмото се бара, адвокатска куќа која би помогнала во овој дел, што значи дека средствата најдоцна до 5 мај ги очекуваме да бидат исплатени доколку сè би одело како што треба“,
рече таа.
Барањата за задолжувања викендов на прес-конференција ги објаснуваше министерката за финансии, Нина Ангеловска.
„Министерството за финансии предложи да се искористи еден специјален инструмент ‘бриџ то бонд фасилити’, односно заем додека да се земе еврообврзница. Тој заем ќе биде во износ од 400 милиони евра со рок на доспевање од 12 месеци и е со цел да се поддржи ликвидноста на државата, да се сервисираат потребите и на здравството и на стопанството“,
рече Ангеловска.
Овој заем се зема за да се покрие периодот додека се земе еврообврзница, која секако била планирана да се издаде во втората половина на 2020 година. Бидејќи е потребно време за процедурата за еврообврзницата, ќе се земе заемот кој ќе биде вратен кога ќе се добијат парите од еврообврзницата.
„Понатаму, планирано е да се повлечат 87 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) на кои имаме право како членка. Исто така, ќе се побараат средства за развојни политики од Светската банка каде што очекуваме да повлечеме износ од околу 100 милиони евра“,
рече Ангеловска, објаснувајќи од каде ќе бидат останатите две задолжувања.
На овој начин, според министерката, власта ќе се осигура дека и во најцрно сценарио ќе се обезбеди ликвидност на Буџетот.