Двајца пациенти на Инфективната клиника се ставени на новата терапија, која е комбинација што ја содржат лековите хидроклор и азитромицин, потврди министерот за здравство.
Тој рече дека во тек е кардиолошка анализа бидејќи лекот има и една контраиндикации и не им се дава на сите пациенти.
„Ако има и мала промена во ЕКГ, тоа значи дека оваа терапија е контраиндицирана“,
рече Филипче.
Затоа апелира до граѓаните да не се обидуваат на своја рака да ги најдат лековите бидејќи не се работи за терапија без несакани ефекти и мора да се дава врз основа на точна индикација на специјалист.
„Апелирам и ги молам сите граѓани да не го прават ова. Дури и оние што се дијагностицирани со средна или тешка клиничка слика, не се погодни за оваа терапија. Оваа терапија е ‘оф лејбл’ и не е влезена во препораките на производителот, но се тестира и се дава бидејќи дала добри резултати, значајно подобрување кај група пациенти за 5 до 7 дена, но по детални кардиолошки анализи. Затоа апелирам не само да не ја земаат на своја рака, туку најмалку, пак, како превенција“,
рече Филипче.
На оваа терапија ќе бидат ставени и пациенти што се лекуваат во домашни услови, но Филипче потенцира дека сите тие терапијата ќе ја примаат во болнички услови и затоа во тек се планови за организирање на системот за транспорт.