Партијата ќе добие и четврт потпретседател кој ќе дојде до редовите на тетовскиот огранок. Денешната седница на Централното собрание на АА ќе продолжи и доцна попладнево бидејќи ќе се дискутира за правилниците за работа на партиските тела, но и за тоа дали ќе остане во опозиција или ќе влезе во Влада
Поранешниот претседател на Алијанса за Албанците (АА) доби нова функција. Од денеска е претседател на Централното собрание на партијата, позиција која е новина и беше воведена со новиот партиски статут.

Одлуката за Села да ја извршува оваа функција беше донесена на денешната седница на Централното собрание, кое следува по вонредниот конгрес одржан на 24 декември 2022 година кога Арбен Таравари беше избран за претседател на АА. Села сам се повлече од лидерската позиција во септември лани по лошите резултати на вонредните локални избори за советници во Општина Тетово, но и тогаш рече дека тоа не значи оти се повлекува и од политиката.

Покрај претседател на Централното собрание, АА денеска избра и тројца потпретседатели – пратеничката Илире Даути и пратеникот Елми Азири, како и советничката во Град Скопје, Бујаре Абази, која беше и заменик-градоначалничка на Скопје.

Абази се откажа да биде заменичка на Данела Арсовска во септември лани кога градоначалничката се скара со ВМРО-ДПМНЕ, а на дел од раководните позиции во градските претпријатија назначи кадри блиски до ДУИ.
Таравари најави дека партијата ќе добие уште еден потпретседател кој ќе биде избран од редовите на огранокот во Тетово, но засега тоа место е оставено празно со оглед дека тетовското крило на АА наредната недела има седница на локалното собрание.

Партијата избра и двајца секретари од кои актуелниот градоначалник на Врапчиште, Исен Шабани, ќе биде организациски, а генерален секретар е биде Кренар Лога, кој е поранешен секретар на Општина Струга и поранешен заменик-директор на Управата за финансиска полиција, а во 2021 беше предложен за член на ДИК од редовите на Алијанса.
Денешната седница на Централното собрание на АА ќе продолжи и доцна попладнево бидејќи ќе се дискутира за правилниците за работа на партиските тела, но и за тоа дали ќе остане во опозиција или ќе влезе во Влада.
„Дискусијата за влез во Владата ќе биде последна точка, каде јас прво ќе реферирам за тоа какви средби сум имал, какви пораки имам од сите тие што сум се сретнал и потоа да дебатираме да видиме каква одлука би донеле“,
рече Таравари.
Тој претходно посочи дека ако денеска се одлучи да се влезе во Владата, тогаш ќе се формира партиска комисија која ќе биде задолжена да спроведе референдум меѓу членството.