Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно и релативно топло со повремени врнежи од дожд, особено во попладневните и ноќните часови, кога се очекува на места да бидат и поројни, со над 30 литри на квадратен метар наврнат воден талог, и проследени со грмежи. Ќе продолжи да дува засилен до повремено силен јужен ветер со брзина од над 70 километри на час, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Минималната температура ќе движи во интервал од шест до 10 Целзиусови степени, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време, со повремени врнежи од дожд, особено попладне и во ноќните часови. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура во главниот град ќе се спушти до шест, а максималната ќе достигне 14 Целзиусови степени.
Според УХМР, од утре и во текот на викендот ќе настапи значително заладување и врнежите од дожд на повеќе места постепено ќе преминуваат во снег. На планините ќе се формира позначителна снежна покривка, помала, особено во саботата и во некои пониски места. До средината на следната седмица ќе има повремени врнежи од дожд и снег со променлив интензитет.