Локацијата во Штип, посочи денеска директорот на ТИРЗ, била избрана за да се поттикне поумерен регионален развој бидејќи бенефитите од странските инвестиции не се исклучива привилегија на граѓаните на главниот град туку треба да бидат достапни за сите
Канадската компанија „Магна интернешнл“ ќе има втора инвестиција во Северна Македонија. По фабриката во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Струга, ќе отвори нова, но во ТИРЗ Штип.
Станува збор за компанијата која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомобили во светот.
Во фабриката во Струга, која веќе функционира, пак, се произведуваат и склопуваат ретровизори и други технолошки продукти за автомобилската индустрија.
Инвестицијата во ТИРЗ Штип е прва голема странска инвестиција за 2023 година, ќе вреди 40 милиони евра и треба да отвори најмалку 600 работни места. Тест-производство се планира да биде годинава, а сериското се очекува да започне во првата половина од 2024 г.

„Вака се создаваат просперитетни услови во државата, не со зборови, не со политички пораки, не со надмудрување, туку со многу работа, решителни одлуки и визија. Нема поголем влог во државата од тоа младиот кадар своето знаење и труд да го инвестира во сопствената земја и да биде движечка сила за напредокот на државата. Таа можност им ја должиме на младите генерации и по секоја цена ќе ја оствариме. Нашите граѓани заслужуваат европски услови за работа и европски плати“,
изјави Ковачевски кој заедно со директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, ја најави инвестицијата.
Зборувајќи за странските инвестиции, Деспотовски, пак, рече дека во завршна фаза на разговори се повеќе крупни инвестициски проекти, за кои ќе информираат следните недели.

Според деловниот план, како што посочи, денеска најавената инвестицијата во ТИРЗ Штип предвидува најмалку 600 работни места, но тој очекува бројката да биде поголема.
Како што рече, локацијата во Штип била избрана за да се поттикне поумерен регионален развој бидејќи бенефитите од странските инвестиции не се исклучива привилегија на граѓаните на главниот град, туку треба да бидат достапни за сите.