Мачните битки немаа резултати долго време, до почетокот на јануари. Сега заземањето на Соледар може многу да им ја олесни опсадата на Бахмут на Русите
Судејќи според најновите вести од фронтот, руските сили се на пат да го освојат градот Соледар во регионот на Донецк. Од Киев велат дека борбите се уште траат, но дека ситуацијата е „тешка“. Соледар би бил првиот град во Донбас што Русите би го освоиле, од минатото лето. Се наоѓа на само петнаесет километри североисточно од Бахмут, кој е стратешки важна раскрсница.

Двата града се под оган од почетокот на руската инвазија. Руските сили, пред се платеничката група Вагнер, се обидуваат да го заземат Бахмут од летото. Мачните битки немаа резултати долго време, до почетокот на јануари. Сега заземањето на Соледар може многу да им ја олесни опсадата на Бахмут на Русите. Во 2016 година, старото име беше вратено на тој град, откако уште од советско време се викаше Артемивск. Бахмут се наоѓа на автопатот Е40 веднаш помеѓу метрополата Харков и рускиот град Ростов-на-Дон.
Бахмут би можел да биде важна сцена за Русите во походот кон блискиот Краматорск, важен индустриски и административен центар во областа Донецк, кој се уште е под контрола на Киев, пишува Дојче веле.
Повеќе симболично значење?
Меѓутоа, на педесетте километри што ги делат овие два града, украинската армија воспостави низа одбранбени линии. Затоа, многу експерти веруваат дека битката за Бахмут нема драматично да го промени текот на војната.
Но, според Герхард Мангот, австриски политиколог и експерт за постсоветскиот простор, тоа би значело колапс на првата линија на одбрана кон Краматорск и Словјанск, каде што се наоѓа украинската команда за Донбас.
„Пробивот во Соледар дефинитивно нема да ја реши војната, ниту пак би значело дека руските трупи повторно се само во офанзива. Таа област е важна воено, логистички и симболично. Војната се решава таму, но не само таму, бидејќи линијата на фронтот е многу подолга. Се протега на повеќе од илјада километри од југ до исток на Украина“,
изјави Мангот за порталот Ти-онлајн.
Воениот експерт Франц-Стефан Гади од лондонскиот Институт за меѓународни стратегиски студии смета дека Бахмут е важен главно затоа што двете страни постојано повторуваат дека тоа е важно. На Русија, вели тој, најпрво ѝ е потребна победа како показател дека сè уште е способна да добива битки.
„Бахмут има мало воено значење. Можеби идејата на Русија беше да му даде на овој град политичко значење и на тој начин да ги намами Украинците во исцрпувачки битки за да нема зимска офанзива од Киев или да мора да ја одложи најавената пролетна офанзива“,
изјави тој за порталот на германскиот јавен сервис АРД.
Ако навистина нема голема офанзива од украинската страна, тоа може да биде показател за голема потрошувачка на луѓе и материјали, смета овој експерт.
„Од различни разузнавачки извештаи знаеме дека има недостиг на муниција од двете страни“,
додава Гади.
Фудбалски терен, црква и санаториум под земја
Соледар е познат по рудниците за сол. Кујнската сол таму се ископува уште од крајот на 19 век, кога областа беше дел од руската империја. Населбата околу рудниците, „Карл Либкнехтвиск“, била прогласена за град во 1965 година, а името го добила по коосновачот на Комунистичката партија во Германија. Во 1991 година градот е преименуван во Соледар, што на руски значи „сол“ и „подарок“.
Пред руската инвазија градот имаше над 10 000 жители, а во Бахмут живееја седум пати повеќе луѓе. Двата града на почетокот на 2014 година беа под контрола на проруските сепаратисти, но подоцна беа ослободени од украинските сили. Компанијата „Артемсил“ во Соледар покриваше 90 отсто од побарувачката на сол во Украина, која сега треба да се покрие од увоз, бидејќи по руската инвазија компанијата запре со работата. Пред војната рудниците за сол беа и туристичка атракција. Имаше и тури со водич на 200 до 300 метри под земја. Се проценува дека подземната мрежа на тунели е долга 300 километри. Еден од тунелите е посебно впечатлив – висок е 30 метри, широк 14 метри и долг околу еден километар.
Длабоко под земјата има и музеј, црква, концертна сала за симфониска музика, фудбалско игралиште, скулптури направени од кристали сол и санаториум за респираторни болести со капацитет од 100 пациенти.
И во Бахмут има подземни тунели. Во поранешните рудници за гипс, на околу 70 метри длабочина, се прават пенливи вина по традиционална рецептура. Грозјето пред анексијата доаѓаше од полуостровот Крим. Во Бахмут, кој е еден од наголемите производители на пенливо вино, се произведуваат околу 25 милиони шишиња годишно. И ова производство е запрено по почетокот на војната.