“Официјалниот статистички податок на Руската Федерација е дека во јануари минатата година просечната плата во Русија е 400 евра, ние во тој момент имаме официјално просек од 440 евра – за која алтернатива зборуваме, а зборуваме за најгорливите животни проблеми на граѓаните, не зборуваме за виша политика. Во делот на корупцијата последниот извештај на „Транспаренси интернешнл“ ја класификува Русија на 136. место од 180 држави кои се анализирани, ние сме на 87. место, сите други држави од Западниот Балкан се подобри во делот за перцепција на корупцијата од Руската Федерација – за каква алтернатива зборуваме?“, рече Пендаровски во своето обраќање на тркалезната маса насловена „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година?“ што се одржа денеска во организација на Советот на амбасадори
Каква алтернатива може да биде Истокот, пред сè Руската Федерација и какви решенија може да понуди за нашите најгорливи проблеми – сиромаштијата и корупцијата, ако просечната плата таму е пониска од онаа кај нас и ако Русија стои далеку полошо на индексот за перцепција на корупцијата од земјава.
Ваков одговор во форма на прашање даде претседателот на државата Стево Пендаровски во своето обраќање на првиот дел од прашањето што ја обликуваше темата на тркалезната маса „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година?“ што се одржа денеска во организација на Советот на амбасадори.
Пендаровски нагласи дека дилемата – Исток или Запад – постои и покрај тоа што мислевме дека ја имаме одговорено во прилог на Западот пред 30 години и дека, посочи претседателот, последните години бројот на луѓе што ја поставуваат сè повеќе расте.
„За мене е неспорно каде припаѓаме и каде треба и формално да бидеме членки, меѓутоа за оние што се колебаат, а бројката на луѓе што ја поставуваат таа дилема последниве години расте, за жал. Прашањето е дали Истокот, пред сè Руската Федерација, нуди решенија за нашите најголеми проблеми – нискиот животен стандард односно сиромаштијата, еве податок од јануари 2022, точно пред една година. Официјалниот статистички податок на Руската Федерација е дека во јануари минатата година просечната плата во Русија е 400 евра, ние во тој момент имаме официјално просек од 440 евра – за која алтернатива зборуваме, а зборуваме за најгорливите животни проблеми на граѓаните, не зборуваме за виша политика. Во делот на корупцијата последниот извештај на ‘Транспаренси интернешнл’ ја класификува Русија на 136. место од 180 држави кои се анализирани, ние сме на 87. место, сите други држави од Западниот Балкан се подобри во делот за перцепција на корупцијата од Руската Федерација – за каква алтернатива зборуваме?“,
истакна Пендаровски во своето обраќање.
На вториот дел од прашањето – дали е можно членство во Европската Унија до 2030 година, Пендаровски рече дека е можно, но оти во контекст на ова прашање не е сигурен за две работи – дали ќе постигнеме национален консензус по ова прашање, кој сега го немаме и дали ЕУ ќе го задржи фокусот на Западен Балкан на истото ниво како што го има сега по завршувањето на војната во Украина?
„Можно е! Ние имаме внатрешен потенцијал, имаме паметни луѓе, имаме одамна поставено систем за преговори и сме неспорно најдобро подготвен кандидат во историјата на ЕУ. Меѓутоа, не сум сигурен во овој контекст за две други работи. Прво не знам дали ќе постигнеме национален консензус по тоа прашање, во овој момент го немаме, значи зборуваме за реален, не за реторички консензус. Дали ќе го постигнеме и дали ќе го одржуваме бидејќи мора го одржувате со години и со години додека траат преговорите и второ не знам дали ЕУ и по завршувањето на војната во Украина ќе го задржи фокусот врз регионот“,
рече Пендаровски.
Зборувајќи во тој контекст, претседателот на државата истакна дека геостратегискиот резон кој доминираше кај НАТО во однос на интеграцијата на некоја земја во оваа организација сега истиот геостратегиски резон почнува да доминира и во логиката на ЕУ, кога станува збор за проширувањето.
„Со години наназад општо место во сите анализи за евроинтеграциите е дека кога сакате да влезете во НАТО таа организација поради својата структура води сметка за геоиполитичките резони, а Европската Унија наводно води сметка за некои други работи. Меѓутоа, гледаме дека ЕУ направи неколку крупни исчекори и освен кон Западниот Балкан додели кандидатски статус и на Украина и на Молдавија кои никогаш не би го добиле ако не беше оваа грозна војна или кандидатскиот статус на БиХ која доколку не постоеше доволно ургетност и притисок од ситуацијата прашање е дали ќе го добиеја. Што значи, кажано накусо геостратешките резони почнаа да доминираат и во логиката на ЕУ и ако е тоа точно, а јас тоа така го гледам прашувам кога ќе заврши војната во Украина, а дај боже денес да заврши, дали и тие геостратешки резони ќе исчезнат и ЕУ ќе се врати на својот стандарден вокабулар и политичка агенда во однос на интеграциите“,
рече Пендаровски посочувајќи дека ЕУ и САД имаат најголема синхронизација во својата надворешна политика од 1990-тите до денес, што е добро.
Ако ваквиот фокус на ЕУ се задржи и ако постигнеме консензус околу евроинтеграциите и политичките елити работат на реформи, тогаш посакуваната цел да станеме членка на ЕУ во 2030 година е остварлива.
„Можно е да правите одлични реформи, а фокусот на ЕУ да не е на Западниот Балкан, сме имале такви ситуации порано – во таква ситуација нема интеграции. Втората ситуација е: не правите реформи дома, а ЕУ има фокус на регионот, како што има последните месеци – повторно нема интеграции. Мора двете страни да прават реформи и да имаат фокус на регионот, инаку Брисел ќе продолжи да се занимава сам со себе, а нашите домашни автократи ќе се правдаат дека ние правиме одлични реформи, но Брисел тоа не го регистрира“,
истакна Пендаровски.
Како посебен проблем кај нас во однос на евроинтеграциите, претседателот ги посочи анкетите кои, како што рече, многу јасно покажуваат дека поддршката за членство во ЕУ опаѓа и тоа особено во македонскиот етнички дел.
„Ако поголемите, нумерички кажано, етнички заедници имаат дивергентни ставови за битни прашања од надворешно политичката агенда, секој пат за носителите на одлуки за оние што се во опозиција да решаваат е тешко да го менаџираат тој курс и генерално и секторски поспецифично“,
посочи претседателот на државата.