Иако имале новинарски акредитации и покани од Владата за присуство на настанот во фабриката „Пекабеско“, двајцата новинари биле спречени да присуствуваат на настанот од страна на вработен во приватна агенцијата за обезбедување.
Освен кај приватната агенција за обезбедување, од ЗНМ укажуваат дека одговорноста за вакви попречувања на работата на новинарските екипи е и на товар на организаторот и на Владата која ги поканила новинарските екипи
Новинарите Љупче Златев и Предраг Кукиќ денеска биле спречени на присуствуваат на настанот во кругот на фабриката „Пекабеско“ каде беше присутен и премиерот Димитар Ковачевски, а со тоа, биле спречени да си ја извршат својата новинарска должост и да постават прашања до премиерот.
„Според информациите кои пристигнаа до ЗНМ од колегите новинари присутни на настанот, од страна на лице вработено во приватната агенцијата за обезбедување РОТЕ им биле побарани новинарски акредитации кои според сведочењето на новинарите тие им ги покажале и потенцирале дека добиле покана од Владата за овој настан. Обезбедувањето, сепак, ги спречило да влезат на настанот, за да си ја извршат својата новинарска задача“,
се наведува во соопштението на ЗНМ.
Од ЗНМ додаваат оти ќе достават претставка до Комората за приватно обезбедување на Република Северна Македонија со цел расчистување на овој инцидент за агенцијата за обезбедување РОТЕ.
„Потребно е да се знае дека припадниците на агенциите за приватно обезбедување во ниеден случај не смеат да ја ограничат работата на новинарите и медиумските работници кои известуваат бидејќи на тој начин се ускратува и правото на информирање на граѓаните“,
додаваат од ЗНМ.
Дополнително, укажуваат и дека одговорноста за вакви попречувања на работата на новинарските екипи е и на товар на организаторот и на Владата која ги поканила новинарските екипи. Затоа, како што додаваат од Здружението, ќе побараат од Владата и компанијата „Пекабеско“ да спроведат внатрешна истрага за да се спречат вакви инциденти во иднина.