Она што е болно и делува нефер, според германската амбасадорка, е процесот, бидејќи еднаш ни беше ветено дека ако го смениме Уставот за Преспанскиот договор тоа ќе биде доволно за влез во НАТО и за ЕУ
Германската амбасадорка Анке Холштајн деновиве си заминува од Македонија. Куферите ѝ се спакувани, а во последното интервју за „Независен“, таа ги пренесува своите очекувања за нашата држава и препораките, бидејќи според неа Германија е ценет партнер во земјата и тоа што ќе каже, наидува на слух и има тежина. Холштајн смета дека уставните измени не се болни за Македонија.
„Не постои алтернатива за оваа уставна промена. Сметам дека содржински таа на ниеден начин не е болна за Северна Македонија. Посакуваната уставна промена одредува нешта кои за никого не се болни. Но, дека процесот како таков е многу болен за земјата, тоа го разбирам целосно. Бидејќи имаше уставна промена по Преспанскиот договор и тогаш имаше ветување дека тоа би било доволно за да се отвори патот не само кон НАТО, туку и кон ЕУ. И сега уште еднаш да мора да се промени уставот, и тоа боли и делува нефер, но верувам дека на крајот тоа е чекор кој едноставно мора да се направи. Сите на кои им е важна европската иднина на земјата би требало да соработуваат натпартиски: Иднината на земјата мора да е над интересите на поединечните партии.
Бидејќи што е алтернативата? Алтернативата е да се застане на патот кон ЕУ, да се биде одвоен кога другите продолжуваат понатаму. Северна Македонија тоа не го заслужи. Би требало исто како Албанија и другите земји од регионот што веќе се наоѓаат во пристапниот процес да продолжи понатаму по нејзиниот пат на приближување кон ЕУ, бидејќи овој процес не е цел сама за себе. Реформите не се цел за себе. Станува збор за веќе спомнатиот широк процес на модернизација на целото општество, кој ќе им донесе добро на сите луѓе во земјата. За тоа станува збор при приближувањето кон ЕУ и при конечниот прием. Затоа уставната промена би требало да следи годинава и ќе сториме сè Северна Македонија да ја поддржиме околу овој тежок чекор, се разбира без притоа да сакаме на нешто да ја присилиме или да наметнеме“,
вели Холштајн.
Околу корупцијата, таа оценува дека за време на нејзиниот престој тука видела „премалку напредок“.
„Корупцијата е прашање на став. Тоа почнува кај секоја единка. Секој мора да биде свесен дека мора да се однесува коректно во општеството. Корупцијата почнува со мали нешти, оди до најгоре и мора да биде исклучена на сите нивоа. Само на тој начин може да функционира“,
вели Холштајн, со порака дека преговорите со ЕУ ќе помогнат да се случи и тоа.
Целото интервју може да го прочитате тука.