Неговата ќерка објави фотографија како членовите на семејството ги држат рацете над телото на Пеле и напиша: „Сè што сме ние е благодарение на тебе. Те сакаме бескрајно. Почивај во мир“
За многумина Пеле е веројатно најдобриот фудбалер на сите времиња. Го држи рекордот на постигнати голови, тој е единствениот кој три пати го кренал мундијалскиот пехар, а ФИФА во 2000 година го прогласи за играч на векот

Легендата на бразилскиот и светскиот фудбал, Пеле, почина на 82-годишна возраст.
Веста ја соопшти неговата ќерка, Кели Насименто, објавувајќи фотографија од рацете на членовите на потесното семејство врз телото на Пеле во болница.
„Сè што сме ние е благодарение на тебе. Те сакаме бескрајно. Почивај во мир“,
гласи нејзината објава.

Пеле во последните неколку години се бореше со здравствени проблеми со бубрезите и простатата. Имаше и операција за отстранување на тумор од дебелото црево во септември лани откако тој бил откриен при рутински преглед. Неговата здравствена состојба се влоши во последните неколку недели кога кон крајот на ноември беше и хоспитализиран.

Пеле за многу важи за најдобриот фудбалер на сите времиња. Тој го постигна светскиот рекорд од 1 281 гол во 1 363 настапи во текот на неговата 21-годишна кариера. Меѓу овие голови, се и 77 постигнати во дресот на Бразил.

Пеле е единствениот играч кој трипати освоил Светско првенство со својата репрезентација и тоа во 1958, 1962 и 1970 година. Во 2000 година од страна на ФИФА тој беше прогласен за играч на векот.