Поранешниот секретар на Општина Битола, Слободан Бончановски, исто така доби намалување на казната, од шест години на 5 години и шест месеци затвор. Укината е и ослободителната пресуда за еден од обвинетите. На дел од управителите на фирми кои добија казни од 2 до 3 години затвор, Апелација им изрече условни осуди
Скопска Апелација му ја намали казната на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, за предметот „Транспортер“. Тој наместо осум години, како што претходно одлучи Кривичниот суд, сега треба да одлежи седум години затвор. Пресудата е донесена по две години од првостепената пресуда донесена од судијката Добрила Кацарска.
Поранешниот секретар на Општина Битола, Слободан Бончановски, исто така доби намалување на казната, од шест години на 5 години и шест месеци затвор. Укината е и ослободителната пресуда за еден од обвинетите.
На дел од управителите на фирми кои добија казни од 2 до 3 години затвор, Апелација им изрече условни осуди.
„Апелациониот суд Скопје, известува дека постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ.бр.70/20, во јавноста познат како ‘Транспортер’, по одржана јавна седница, донесе Пресуда со која обвинетиот В.Т го осуди на казна затвор во траење од 7 – седум години, обвинетиот С.Б., го осуди на казна затвор од 5 – пет години и 6-шест месеци, во кои казни им се засметува времето поминато во притвор и куќен притвор до правосилност на пресудата, односно до започнување со издржување на казната затвор, за по едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5, в.в. со ст.1, а в.в. со чл.22 и чл.45 од Кривичниот законик. На обвинетите Ј. И., С.М.,А.Ш.,Д.Г.,А.С., О.С.,Р.Ј., Н.Д., Џ.М. за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5, в.в. со ст.1, а в.в. со чл.24 и чл.45 од Кривичниот законик, им изрече алтернативна мерка – УСЛОВНА ОСУДА, така што им се утврдува казна затвор во траење од по 2-две години и истовремено се определува дека утврдената казна затвор нема да се изврши, ако обвинетите во временски период од 5 – пет години по правосилноста на пресудата, не сторат ново кривично дело“,
велат од Апелација.
Од фирмата „Д и А- хера транс“ ДООЕЛ државата ќе конфискува од 857 637 денари.
„Во останатиот дел како и по однос на кривичните санкции спрема останатите обвинетите и по однос на мерката конфискација на имотната корист која е прибавена со кривичните дела, во вкупен износ од 34 224 179 денари, првостепената пресуда ја потврди“,
велат од Апелација.
Апелација објаснува и зошто ја донела оваа пресуда.
„Постапувајќи по изјавените жалби, оцени дека првостепениот суд не сторил суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка на кој се укажува во изјавените жалби и на кои судот внимава по службена должност, во пресудата се утврдени сите решителните факти во врска со времето и начинот на извршување на кривичните дела, дадени се причините за решителните факти, извршена е правилна анализа на сите изведени докази и донесената пресуда е јасна, разбирлива и може во целост да се испита. Воедно, како неосновани ги оцени жалбените наводи за погрешно утврдена фактичка состојба, а со тоа и за погрешна примена на материјалното право, од причина што првостепениот суд утврдил правилна фактичка состојба а врз основа на сите изведени докази во текот на постапката, правилно ги утврдил сите решителните факти за кои дал доволно образложени причини во образложението на обжалената пресуда и со еднакво внимание ги испитувал и утврдил како фактите што ги товарат обвинетите, така и оние што им одат во корист, при што правилно постапил судот кога поклонил верба на доказите кои се поклопуваат помеѓу себе и даваат целосна слика за настанот, а притоа имајќи ја предвид и одбраната на обвинетите со што донел јасна и разбирлива пресуда, во врска со кривичните дела и кривичната одговорност на обвинетите“,
велат од Апелација.
Тие додаваат дека при донесување на пресудата ги ценеле сите околности.
„По однос на жалбените наводи за одлуките за кривичните санкции, советот на овој суд ги имаше предвид сите околности кои се од влијание при определувањето на видот на кривичната санкција и одмерувањето на нејзината висина, а особено степенот на противправноста на кривичните дела, степенот на кривичната одговорност на обвинетите, јачината на повредата на заштитеното добро, општествената опасност од извршување на овој вид на кривични дела, тежината и начинот на извршување на кривичните дела и во таа смисла поединечните дејствија на извршување на секој од обвинетите, опишани во изреката на првостепената пресуда, нивната улога во криминалниот потфат како извршител односно соучесник, нивното својство и во таа насока прибавената противправна имотна корист, а особено фактот дека е изречена конфискација на целокупната имотна корист, ценети во корелација со околностите кои што постојат на страна на секој од обвинетите, а кои се однесуваат на личните, семејните и материјалните состојби на обвинетите и нивниот поранешен живот, детално елаборирани во образложението на првостепената пресуда, применувајќи го принципот на пропорционалност, а на кој укажува Европскиот суд за човекови права, па оцени дека и со поблаги казни затвор односно со изречените алтернативни мерки – условни осуди спрема обвинетите наведени во одлуката на Апелациониот суд Скопје, за кои е преиначена првостепената пресуда во делот на одлуката за кривичната санкција, како и со изречените кривични санкции спрема останатите обвинети со првостепената пресуда, доволно воспитно ќе се влијае во иднина да не се јавуваат како сторители на вакви и други кривични дела, а со тоа да се остварат и целите на казнувањето предвидените во чл.32 од Кривичниот законик, како на планот на специјалната така и на планот на генералната превенција“,
додаваат оттаму.
Од судот, ја укинале и ослободителната пресуда која ја донела Кацарска.
„По повод жалбите и по службена должност, а заради правилна примена на Закон овој совет одлучи првостепената пресуда во ослободителниот дел под II само да се укине, од причина што обвинетиот Д.Г. се обвинува за едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.5 в.в. со ст.1 в.в. со чл.24 и чл.45 од КЗ, за кое е огласен виновен, но за опишаните дејствија под точка 3 алинеја 14, со оглед да првостепениот суд оценил дека не се докажало дека обвинетиот ги извршил дејствијата опишани под точка 3 алинеја 14 од обвинението, требало истите да ги испушти од описот на дејствијата содржани во изреката а во образложението на пресудата да ги образложи причините за истото, а не да донесе ослободителна пресуда“,
посочуваат од Апелација.
Предметот „Транспортер“ се однесува на злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола и со првостепената пресуда поранешниот битолски градоначалник доби осум години затвор. Уште десет други лица во овој предмет се осудени со затворски, а десет со условни казни. Првостепената одлука од Основниот кривичен суд во Скопје беше донесена на 31 март 2020 година.
Меѓу десеттемина кои добија затворски казни, исто како и Талески се раководител на сектор во Општина Битола во времето на мандатот на Талевски, кој доби 6 години и 6 месеци, додека останатите се управители на фирми за превоз. Затворските казни на управителите се движат од 2 години и 2 месеци до 3 години. Еден од управителите е и Џими Мицевски, кој е дел од музичката група „Молика“ – тој доби 2 години и 6 месеци затвор.