Изразувам најостра осуда кон испраќачите на овие дојави и барам од институциите што поскоро да стават крај на ваквите појави, порачува градоначалникот Стефковски
Нови дојави за бомби пред десетина минути пристигнале во пет основни училишта во скопската Општина Гази Баба, информира предмалку градоначалникот Бобан Стефковски.
„Со жалење сакам да ја информирам јавноста дека пред 10 минути во општинските основни училишта ’25 Мај’, ‘Дане Крапчев’, ‘Григор Прличев’, ‘Кирил и Методиј’ и ‘Крсте Мисирков’ се пристигнати дојави за поставени бомби. Спроведени се сите безбедносни протоколи, направена е евакуација и сите дечиња се на безбедно. Пријавено е во надлежните институции и се очекува да се проверат дојавите. Сакам да изразам најостра осуда кон испраќачите на овие дојави и барам од институциите час поскоро преку преземање на сите мерки кои им стојат на располагање да стават крај на ваквите појави“,
порача Стефковски.
Дојави за бомби во 20-ина училишта имаше и вчера и меѓу нив и седум основни училишта, исто така, во Гази Баба. По проверките, вчера се воспостави дека станува збор за лажни дојави.